• понеделник, 23 декември 2024

Падна бугарската Влада на премиерот Кирил Петков

Падна бугарската Влада на премиерот Кирил Петков
Скопје, 22 јуни 2022 (МИА) - Попладнево во бугарското Собрание со 116 гласови „за“ Владата и 123 против, од вкупно 239 пратеници, е изгласана недоверба на Владата на премиерот Кирил Петков. Како што јави дописникот на МИА од Софија, гласањето за недоверба, поднесено од партијата ГЕРБ-СДС против Владата на премиерот Петков, успеа. Со тоа Кабинетот на доскорешната четирипартиска коалиција, од која неодамна излезе „Има таков народ“, не ги доби потребните 121 глас во пленарната сала, за да остане на власт. Ова е прво успешно гласање за недоверба на Влада на Бугарија во нејзината понова историја. Аргументот на најголемата опозициска партија беше „неуспех на владата во финансиската политика“. Сега претстои владата да си поднесе оставка. Претседателот на државата треба да почне консултации со партиите во Парламентот. Бугарскиот премиер Кирил Петков по гласањето недоверба за неговата Влада во Парламентот на Бугарија, рече дека „ова гласање е мал чекор од еден долг пат“. - Ми беше чест да водам Влада што е соборена од Пеевски, Борисов, Слави Трифонов и Митрофанова. Ветувам дека ќе продолжиме да ја браниме државата. Еден ќе имаме држава без задкулисни игри и без мафија. Една нормална европска држава, потенцира Петков од собраниската говорница. Според процедурата предвидена во Уставот на Бугарија, доколку гласањето недоверба на актуелна влада биде поддржано од мнозинство пратеници, ќе се направи нов обид за формирање на кабинет во рамките на тоа Народно собрание. Првиот мандат ќе го добие најголемата група - „Продолжуваме со промената “, вториот до вториот по големина - ГЕРБ-СДС, а третиот ќе биде доделен на една од другите групи избрани од претседателот на државата. Ако и тогаш не се избере кабинет, шефот на државата назначува преодна влада, го распушта Националното собрание и закажува избори. Падот на Владата на Петков е кулминација на политичката криза во Бугарија откако партијата „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов ја напушти владината коалиција на 8 јуни. Трифонов тогаш рече дека ја напушта владата поради Северна Македонија, тврдејќи дека Петков води паралелна надворешна политика од официјалната предводена од министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, која е од редовите на ИТН. Владата на Петков, беше избрана со 134 гласа „за“ на 13 декември 2021 година, по одржани три циклуси парламентарни избори во земјата. нд/аа/

Остани поврзан