• четврток, 19 декември 2024

Павле Трајанов реизбран за претседател на Демократски сојуз

Павле Трајанов реизбран за претседател на Демократски сојуз

Скопје, 28 април 2024 (МИА) – На седмиот Конгрес на Демократски сојуз на кој присуствувале над 400 делегати и гости бил избран Централен совет на ДС од 80 члена, а за претседател реизбран Павле Трајанов

Како што информираат од ДС, Конгресот усвоил и повик до граѓаните да се вклучат во промените, во кои меѓу другото стои дека се неопходни темелни реформи и кадровска обнова.

- Македонија е заглавена во политичко мочуриште, неопходни се темелни реформи и кадровска обнова доколку сакаме да се придвижат напред сите процеси. На овие избори се одлучува за тоа дали ќе се вградат во системот вредности кои независно од власта ќе гарантираат изградба на пристојна и модерна европска држава, држава на слободни и креативни граѓани, горди на самите себе и на државата на која и припаѓаат и ја градат. Македонија мора да успее, тоа е наша должност и завет пред идните генерации. Да се биде или не, за тоа одлучувате Вие граѓаните! Излезете на гласање и определете ја иднината на Македонија, демократска, слободна, силна и почитувана од сите, соопштуваат од ДС.

На Конгресот, Трајанов нагласил дека на претстојните претседателски и парламентарни избори ќе се одлучува за тоа дали ќе опстоиме како самостојна, суверена и независна држава, дали ќе се случат промени кои значат градење на демократска и европска држава или ќе тонеме во корупција, деструкција и разградување на темелните вредности.

Трајанов зборувал и за приоритетите на Демократскиот сојуз, меѓу кои посебно ги посочил коренити уставни промени, односно нов Устав, донесување на нова стратегија за борба против тешките облици на криминал и високата корупција и донесување на Законот за формирање на независна Агенција за борба против овој вид на криминал, деблокирање на евроинтеграциските процеси преку градење на широк политички и граѓански консензус околу следните работи, реформирање на системот за безбедност,  слободна пазарна економија, бесплатно здравство и образование и создавање услови за младите да останат во Македонија. 

Тој ги повикал делегатите на конгресот, членовите и симпатизерите на Демократскиот сојуз, како и сите граѓани, да излезат масовно на 8 Мај и да гласаат за претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова, и за кандидатите за пратеници од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. ар/ев/
Фото: ДС

Остани поврзан