• понеделник, 04 ноември 2024

ОЈО Скопје отвори истрага против пет лица за масовната тепачка на Ургентен

ОЈО Скопје отвори истрага против пет лица за масовната тепачка на Ургентен

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, кои се осомничени дека вчера, пред Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза”, осомничените во група ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство врз едно лице, информираат од ЈОРСМ.

Полицијата вчера информираше дека привела десет лица, меѓу кои тројца малолетници, поради физичка пресметка поради нарушени меѓусоседски односи која настанала на подрачјето на Карпош, а потоа продолжила и на Ургентниот центар во Комплексот клиники „Мајка Тереза“.

- По претходна физичка пресметка помеѓу членови на две семејства во Злокуќани, оштетениот со неговото семејство на Ургентниот центар чекале лекарска помош за неговиот син. Во дворот на клиниките пристигнале и осомничените. Физички го нападнале оштетениот, удирајќи го по главата и телото со клоци и тупаници, но и со метални шипки, дрвени палки и други предмети. Со ударите му нанеле тешки телесни повреди – фрактури на носна коска и на ребра, а кај останатите присутни предизвикале чувство на загрозеност, несигурност и страв, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите петмина осомничени, бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоци и оштетени, но и да го повторат делото. Тие се осомничени дека заедно сториле кривично дело „насилство“ според член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик. аа/лв/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан