• понеделник, 23 декември 2024

ОЈО Кавадарци отвори истрага против албански државјанин за тешка сообраќајна несреќа кај Дреново

ОЈО Кавадарци отвори истрага против албански државјанин за тешка сообраќајна несреќа кај Дреново

Кавадарци, 1 октомври 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Кавадарци донело наредба за спроведување истражна постапка против државјанин на Република Албанија со привремен престој во Кавадарци, за кого, како што појаснуваат од Обвинителството,  „постои основано сомнение дека сторил тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 1 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик“.

- На регионалниот пат Р1103 Кавадарци - мотел Дреново, на 29 септември, осомничениот под дејство на алкохол во крвта, управувал со товарно возило „Форд транзит“ во сопственост на кавадаречка фирма. Кога пристигнал кај местото викано „Лазово мовче“, пред него се движела работна машина – трактор со приколка. На место забрането за престигнување, обележано со полна линија, во близина на кривина во лево, осомничениот започнал да го престигнува тракторот и тоа без да ја прилагоди брзината на возилото. Со предниот дел од камионот, при престигнување удрил во задниот дел на приколката, се вели во соопштението од Обвинителството. 

Тракторот излетал од коловозот во лево, а камионот се извртил странично на спротивната сообраќајна лента, удирајќи во автомобил „Мини купер“ со прилепски регистарски ознаки кој доаѓал од спротивен правец. 

Во несреќата, како што појаснуваат од Обвинителството,  возачот на тракторот се здобил со тешка телесна повреда, со телесни повреди се здобил и возачот на прилепскиот автомобил, а шоферот на камионот го напуштил местото на настанот.

- Бидејќи постои опасност од бегство, по предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Кавадарци определи мерка притвор во траење од 30 дена за осомниченото лице, соопштија од Обвинителството. свд/аа/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан