Охрид за Илинденските празници полн со гости, летово посетеноста далеку од времето пред короната
- Продолжениот празничен викенд на Охридското крајбрежје го означува шпицот на летната туристичка сезона. За деновите околу Илинденските празници Охрид традиционално е преполн со гости и турист
Охрид, 31 јули 2021 (МИА) – Продолжениот празничен викенд на Охридското крајбрежје го означува шпицот на летната туристичка сезона. За деновите околу Илинденските празници Охрид традиционално е преполн со гости и туристи. Солидната посетеноста на градот и крајбрежјето за Илинден не ја отсликува ситуацијата за летната сезона генерално, оттаму што до само пред две седмици во градот гости имаше само за викендите.
Приватните сместувачки капацитети за овој период околу празниците се редовно максимално искористени, се бара легло повеќе што тешко се наоѓа и тоа претежно во периферните делови од градот додека во оние капацитети во централното градско подрачје или на атрактивните локации долж крајбрежјето место нема.
Иако годинава споредбено со лани има одреден број странски туристи, сепак тоа е многу помалку од времето пред коронаепидемијата. Илустративно, ситуацијата сега не може ниту да се споредува со рекордната 2019 година кога на Охридското крајбрежје беа остварени околу 1,5 милиони ноќевања.
Најбројни ова лето се туристите од Србија, Полска, Украина, во помал број од другите соседни земји. Има и гости од Холандија, но далеку помалку поради тоа што непредвидливоста на епидемијата и рестриктивните мерки ја усложнија процедурата за патување така што ова лето гостите од Бенелукс почнаа да пристигнуваат дури во втората половина на јули наместо од мај како што беше години наназад. Најголем дел од автомобилите со странски регистерски таблички на јавните паркиралишта низ градот се на нашинците кои после две години успеаја да дојдат во татковината. Дијаспората од Австралија и САД и оваа година практично ја нема, што многу се чувствува во угостителскиот сектор.
Хотелските капацитети дури за сезонскиот шпиц се поднаполнија, но и таму сликата не е розева, тоа се гости што доаѓат во индивидуална режија, изостанаа организираните летувања преку странските тур-оператори.
Она што беше карактеристично за Охрид пред десеттина години кога странски туристи доаѓа да летуваат тука, а дел од времето од одморот го користеа за еднодневни тури до Албанија, сега ситуацијата е сосема спротивна - се поголем е бројот туристи што одмараат во Албанија, а доаѓаат во Охрид на еднодневна прошетка и разглед на културно-историските споменици.
Најбројни и ова лето како минатата година се домашните гости, поголемиот дел сместени во сопствени станови или викендички, а останатите најчесто се решаваат за сместување со закуп на помали апартмани или соби. Скромниот буџет значи да се одбере поскромната варијанта за летување со готвење дома, а кога се купува тоа претежно е брза храна, нешто што се јаде „од нога“ или на некоја од клупите на Кејот на езерото, во парковите, по плажите. Сето тоа значи дека отсуствува позначаен промет за охридските угостители.
За разлика од економските и здравствените, временските прилики поволни и соодветствуваат за овој период, со високи температури карактеристични и очекувани за средината на летото. Покрај проверената чистота од прва категорија, водата во езерото со температура неколку степени над просечната за овој период што ја прави идеална за капење и рекреација.
Карактеристично за оваа сезона е што голем дел од крајбрежјето е „исчистен“ од лежалки и друга урбана опрема, како и неконтролирана наплата за паркирање возила. Јавните плажи се повторно отворени и слободни за туристите, што пак од друга страна ја усложнува состојбата со хигиената, затоа што јавното комунално претпријатие не секогаш успева да го собере отпадот што неконтролирано и неодговорно се одлага на несоодветни места.
Оваа година и културно-забавната понуда за гостите е нешто побогата споредбено со лани, до 20 август секоја вечер има понуда на програмата на Фестивалот „Охридско лето“, а најавени се и гостувања и концерти на познати естрадни имиња од земјата и регионот, за сите вкусови и генерации. аб/ац/