• петок, 22 ноември 2024

Охридската Архиепископија од патријархот Вартоломеј го прими Патријаршискиот акт за примање во богослужбено и канонско единство

Охридската Архиепископија од патријархот Вартоломеј го прими Патријаршискиот акт за примање во богослужбено и канонско единство
Скопје, 10 јуни 2022 (МИА) - Вселенскиот патријарх г. Вартоломеј вчера на нашиот архиепископ г. Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со кој се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква. Чинот на примопредавањето на Патријаршискиот и синодален акт се одржа на крајот на вечерната богослужба по повод именденот на вселенскиот патријарх, што се одржа во ставропигијален манастир „Балаклија” во Истанбул, на која присуствуваше и делегација на Охридската Архиепископија, предводена од архиепископот г. Стефан, кој во своето обраќање кон патријархот Вартоломеј, нагласи дека дошле кај него, време во кое тој го слушнал крикот на нашето срце и го почувствувал копнежот на нашите души. - Дојдовме при Вас и сме многу радосни поради тоа. Дојдовме да го изразиме нашиот копнеж по Христа, кој, како православни Христијани, го имаме, и да ги изразиме почитта, честа и благодарноста пред Вашиот престол – да ги објавиме гласно, овде, од под куполата на Константинополската Црква, пред сечесниот Вселенски престол, нашата љубов кон целата Вселена, истакна неговото блаженство г. Стефан. Затоа, додаде тој, стоејќи денес пред Вас и со привилегијата да стоиме со Вас, дојдовме да Ви кажеме едно големо благодарам. - Еве, токму во оваа благословена вечер, во која се собрани многу благодатни добрини: празникот на апостолите Вартоломеј и Варнава и соборот на првата светогорска икона ‘Достојно ест”; оваа ставропигија во која се наоѓаме и живата вода која се роди од Живоносниот источник; мртвите во гробовите и мртвите што воскреснавме; еклитонот кој кон Вас го упативме и преку чие оправдување нè прифативте во општење со Вас и со сиот православен свет; и Вие, Архиепископе Константинополски, Вашите привилегии и Вашето срце полно со љубов, нагласи архиепископот Стефан. По богослужбата, архиепископ г. Стефан, во знак на благодарност отслужи Трисагија пред гробот на патријархот Димитриј, за покојните цариградски пастири погребани на истите гробишта. Делегацијата на Охридската Архиепископија, кој од вчера престојува во Истанбул, в недела на роденденот на Црквата, Педесетница, во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар ќе присуствува на заедничката патријаршиска и синодална света литургија на патријархот г. Вартоломеј и архиепископот г. Стефан. Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа. - Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денеска, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и синодален акт, беше наведено во одлуката на Вселенскиот синод, во која се додава дека како име на нашата Црква го признава „Охридска, имајќи ја на ум како област на нејзина јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“. Вселенската патријаршија во одлуката наведе и дека остава на „Црквата на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“. Одлуката на Синодот на Вселенската Патријаршија уследи откако по повеќедеценискиот спор со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на нашата Црква од православниот свет, во април 2018 година нашиот Синод едногласно испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. Молбата од Синодот на Охридската Архиепископија веднаш беше земена предвид и според јавното соопштение од мај истата година Вселенската Патријаршија одлучи да се заземе за решавање на канонското прашање на нашата Црква и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија. Оттогаш и државниот врв на земјава упати неколку писма и молби до вселенскиот патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација. Одлука за отстранување на шизмата не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата Црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека таа повеќе не е во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви, додека за утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори. Ваквиот потег на патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата Црква и со признавањето на нејзината каноничноста се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија. сп/

Остани поврзан