• сабота, 23 ноември 2024

Откриена програмата за прославата на 70 години владеење на британската кралица Елизабета Втора

Откриена програмата за прославата на 70 години владеење на британската кралица Елизабета Втора
Лондон, 10 јануари 2022 (МИА) - Бакингемската палата ја објави целосната програма со настани планирани за прославата на платинестиот јубилеј на британската кралица Елизабета Втора - 70 години владеење на британскиот Престол. Прославите ќе вклучуваат отворање за јавноста на приватните имоти на 95-годишната кралица, а некои од најголемите светски ѕвезди ќе настапат пред Бакингемската палата во Лондон. Се верува дека поголемиот дел од јубилејните должности најверојатно ќе бидат доделени на остатокот од кралското семејство, вклучително и принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт, војвотката од Корнвол. Кралицата обично ја минува годишнината од нејзиното устоличување приватно во Сандрингем. Официјалните прослави на јубилејот ќе почнат в понеделник, со натпревар во јадење пудинг во чест на кралицата. Потоа, со иницијативата „Зелена крошна“ на кралицата, ќе се засадат нови дрвја. Повеќето свечености ќе се одржат подоцна во годината. Од 12 до 15 мај се очекуваат претстави на над 500 коњи со 1.000 изведувачи во замокот Виндзор, коишто публиката ќе ја потсетат на историјата од времето на Елизабета Прва до денес. На 2 јуни, првиот ден од специјалниот четиридневен државен празник, ќе се одржи роденденската поворка на кралицата, позната како „Trooping the Color“. Истиот ден, Велика Британија, Каналските Острови, Островот Мен и Британските прекуморски територии ќе се обединат во истовремено осветлување на светилникот на Бакингемската палата. Луѓето ширум земјата ќе седнат заедно на голем јубилеен ручек во недела на 5 јуни - последниот ден од продолжениот празничен викенд. Сандрингам и Балморал исто така ќе бидат отворени за британските граѓани и посетителите во текот на долгиот викенд. Учениците низ целата земја се поканети да направат колаж од нивните желби за планетата во следните 70 години, а некои од нивните илустрации ќе бидат истакнати на посебна прослава. Од јули во официјалните кралски резиденции ќе бидат поставени три изложби коишто ќе го одбележат доаѓањето на кралицата на Престолот, крунисувањето и годишнината.  си/

Остани поврзан