• недела, 22 декември 2024

Отказ за 15 високи полициски службеници поради незаконско издавање дозволи за оружје – МВР воведува дигитална алатка со цел неселективен пристап

Отказ за 15 високи полициски службеници поради незаконско издавање дозволи за оружје – МВР воведува дигитална алатка со цел неселективен пристап

Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) – Министерството за внатрешни работи во минатото издавало дозволи за оружје на лица кои не ги исполнувале законските услови и по спроведена внатрешна контрола 15 високи полициски службеници добиле решение за отказ. Ова денеска го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на заедничката прес-конференција со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, со кој ја презентираа новата дигитална алатка која што треба да овозможи неселективен пристап при издавање на дозволи, како и да го олесни процесот на издавање на потребните документи на граѓаните.

Тошковски посочи дека голем број на граѓани доставувале лично до него, како и до неговиот кабинет претставки и поплаки во врска со начинот на којшто МВР ги спроведувало постапките за издавање на дозволи за поседување на оружје и по извршена темелна истрага било констатирано дека се постапувало селективно, а не хронолошки како што требало да постапуваат.

– Министерството за внатрешни работи, Одделот за дисциплински постапки спроведе дисциплинска постапка по предлог на Одделот за внатрешна контрола за поголем број на лица и за оние каде што се констатираа незаконитости, а притоа истите не беа застарени како предмети, донесе, колку што сум запознаен, 15 решенија за отказ на високи полициски функционери кои издавале дозволи и работеле спротивано закон. Согласно напаствија на надлежен јавен обвинител, во наредниот период ќе следат и кривични пријави за сите оние кои што има докази дека сториле конкретно кривично дело. Претпоставувам дека ќе се оди со злоупотреба на службена положба и овластување или несовесна работа во јавна служба, но за тоа ќе проценат надлежните органи и надлежните институции, рече Тошковски.

За суштински да се реши ваквиот проблем, Тошковски вели направена е дигитална алатка во соработка со Министерството за дигитална трансформација која ќе ги намали трошоците и ќе им помогне на граѓаните да го остварат своето право, доколку го исполнуваат.

– Секој еден ловџија во Македонија знае дека оваа постапка во минатото била злоупотребувана. За да имаме суштинско и системско решение во соработка со Министерството за дигитална трансформација, создадовме дигитална алатка која што ќе овозможи неселективен и системски пристап за решавање на овие права на граѓаните, односно на оние што им следат. Тоа значи дека ќе им овозможиме на граѓаните да го остварат своето право навистина доколку ги исполнуваат законските услови без да притоа да прават непотребни трошоци како што ги правеле до вчера. Значи од една страна ем намалуваме трошоци, ем намалуваме чекори, но и утврдуваме навистина систем којшто нема да овозможи од 5.000 предмети да се разгледа предметот 4.528 и баш тој да се реши, врз основа на мотиви непознати за никого, а добро познати за македонската јавност. За да се реши предмет број десет, претходно ќе мора да се решат предметите од реден број еден до реден број девет, рече Тошковски.

Системот, додаде, ќе ги полни базите на податоци и граѓаните нема да има потреба да се обраќаат лично до потребните институции за прибавување на документ, како што е потврда за неосудуван.

– Граѓаните нема да имаат потреба лично да се обраќаат до потребните институции, како што е на пример Основен суд Скопје, за да може да прибават дозвола дека се неосудувани, како и ќе се намалат трошоците од два аспекти… Без разлика дали се работи за министер, началник, претседател на комисија или помошник министер на конкретен оддел, ќе се постапува неселективно и воедначено во однос на сите барања. Системот ќе ги црпи податоците и ќе утврдува дали ги исполнува или не ги исполнува условите и секој еден апликант ќе биде известен на мејл дали согласно базите на податоци кои што ги имаме ние е подобен да носи оружје или не е подобен да носи оружје. Понатаму во втора фаза, ќе треба да прибави соодветни докази како што се лекарско уверение, потврда дека посетувал обука и така натаму, којшто изискува поголем финансиски трошок, околу 500 евра. Сите тие трошоци чинат, а ќе ги сторат исклучиво само ако претходно бидат информирани од страна на Министерството дека исполнуваат услови за да се стекнат со конкретна дозвола, рече Тошковски. ра/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан