• недела, 24 ноември 2024

Отворен 35. Меѓународен саем на книгата, наслови од над 60 домашни и странски издавачи

Отворен 35. Меѓународен саем на книгата, наслови од над 60 домашни и странски издавачи

Скопје, 4 мај 2023 (МИА) - Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје  од вечерва е отворен 35. Меѓународен саем на книгата, што ќе се одвива до 10-ти мај, со под мотото „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“. Во претстојните денови, саемската арена, ќе биде центар на многубројни средби со автори, потпишувања книги, едукативни работилници, трибини, наградувања, притоа одбележувајќи ја важноста на читањето како навика, збогатувањето на личната библиотека, како и убавината на зачестениот афинитет да се подарува книга за разни поводи.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска истакна дека поддршката на Саемот на книгата е од голема важност, особено во овој актуелен миг, кога некои податоци покажуваат дека помалку се чита, а ерата на дигиталната технологија ги навикна луѓето подолго време да минуваат пред екраните на паметните телефони, компјутерите и телевизорите.

-Сѐ почесто се среќаваме со поимот екранизам, кој е поврзан со негативното влијание на екранот врз мозокот, особено кај малите деца. Свесни сме за слабата концентрација на одредени активности, нешто што сериозно треба да нѐ загрижи. Од друга страна, на сите ни се познати многубројните и далекуопсежните придобивки од читањето како една од најосновните вештини што можеме да ги стекнеме како човечки суштества. Накратко, читањето е од суштинско значење за нашиот развој и среќа, како поединци и како општество. Затоа како љубители на книгите и на пишаниот збор, имаме обврска да ги унапредуваме состојбите и заедно да работиме на зголемување на интересот на читателската јавност за книгата како пишан медиум, рече Костадиновска Стојчевска.

Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем, којшто е организатор на Саемот на книгата, посочи дека до 10- ти мај, секој ден со почеток од 10 часот, над 60 домашни и странски издавачки куќи ќе ги претстават своите саемски понуди, со познати наслови од многубројни реномирани автори, на сите љубители на пишаниот збор.

-Овој Саем мора да остане потсетник и синоним, да се чита со вистинска книга во раце. Не е случајно што мотото на годинешното издание на саемот е токму „Мирисот на нова книга ја најавува пролетта“. Истото е потсетник за најважната премиса во ова модерно темпо на живеење, - да не ја заборавиме најздравата навика на модерниот човек, а тоа е - читањето нови книги, рече Глигоровска. 

На отворањето се обрати и академик Влада Урошевиќ, споделувајќи пред присутните искуство од посета во Париз.

-Промените ми ја покажаа положбата во која се наоѓа денес книгата и сето она што е поврзано со неа. Несомнено овие промени се показатели на повеќе аспекти. Ја покажуваат немоќта на книгата, која како производ тешко може да се натпреварува со некои други стоки што повеќе се бараат. За време на оваа прошетка во Париз, во неуспешната потрага по некогашните книжарници, се прашував дали тоа значи дека книгата почнува да се повлекува пред наездата на општата комерцијализација на нештата? Дали е ова нејзин пораз пред некои други попривлечни и поефикасни облици на информации и комуникации? Дали можеби нејзиното место започнуваат да го земаат некои други медиуми?“, праша Урошевиќ.

Бојан Саздов, претседател на Македонска Асоцијација на Издавачи (МАИ) најави дека традиционално утре ќе ги доделат наградите и признанијата за најдобрите и најкреативните изданија, најдобрите автори, како и најдобрите и општествено одговорни издавачи.лв/аа/

фото: Министерство за култура

 

Остани поврзан