• понеделник, 23 декември 2024

Отворен форум за антикорупција

Отворен форум за антикорупција

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во рамки на Програмите „Граѓаните против корупцијата“ и „Регионална мрежа за антикорупција“ (СЕЛДИ), денеска и утре во Скопје го организира „Отворениот форум за антикорупција“

Како што информираат од МЦМС, целта на овој Форум е учесниците преку дискусии да се осврнат на антикорупциските предизвици со кои се соочува општеството и заеднички да дискутираат за мерките и политиките кои се преземаат и треба да се преземаат на ова поле.

-Форумот ќе обезбеди учество на голем број засегнати страни кои на панел дискусии и паралелни сесии ќе дебатираат за исполнувањето на ветувањата во борбата против корупцијата; за тоа како да се подобри соработката на ова поле меѓу јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот; ќе го актуелизира прашањето за тоа колку чини борбата против корупцијата и зошто таа е релевантна тема за приватниот сектор. Покрај тоа, ќе стане збор и за улогата на институционалната отвореност за спречување на корупцијата и за истрагите засновани на медиумски извештаи како значајна алатка во борбата против корупцијата. Сите дискусии ќе бидат организирани на две главни панел дискусии и осум паралелни настани, се посочува во најавата од МЦМС.

На Форумот се очекува да бидат презентирани Извештајот за проценка на корупцијата на Република Северна Македонија, Антикорупциските перформанси во јавните набавки на институциите на централната и локалната власт и Годишниот извештај за компаративна евалуација за јавните набавки во земјите на Западен Балкан.

На првиот ден од Форумот, како што најавуваат од МЦМС, ќе се обратат претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија, НЕ Давид Гир, Дон Кармин, директорката на УСАИД за демократија и добро владеење, заменик претседателката на Владата на задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и главниот државен ревизор од Државниот завод за ревизија, Максим Ацевски.

Програмата „Граѓаните против корупцијата“ е финансирана од Американската агенција за меѓународен развој во Република Северна Македонија УСАИД, а ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во партнерство со Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Скопје (ИДСЦС), Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ), 360 Степени, Истражувачка репортерска лабораторија, Македонија (ИРЛ) и Балканска истражувачка репортерска мрежа, Македонија (БИРН). Програмата „Регионална мрежа за антикорупција“ (СЕЛДИ) е подржана од ЕУ.фф/аа/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан