• понеделник, 23 декември 2024

Отворен прв Центар за менаџирање на обезноста во државава

Отворен прв Центар за менаџирање на обезноста во државава

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - Во пресрет на Светскиот ден на дебелината, четврти март, денеска во рамки на ЈЗУ ГОБ „8 Септември“, беше отворен првиот Центар за менаџирање на обезноста во рамките на државава. Во центарот лекувањето ќе биде со лекари од различна специјалност. Овде ќе се спроведува едукација на пациентите, регулирање на исхраната, за пациенти кои имаат потреба од терапија ќе се планира фармаколошката терапија, а за екстремно обезни пациенти ќе се даде опција за баријатрична хирургија, која, исто така ќе може да се направи во оваа установа.

- Обезноста зафаќа одреден процент од целата популација и е доста чест проблем. Како кај младата популација, така и кај постарите. Лекувањето на обезноста се третира како хронична болест и во него учествуваат голем број на разни специјалисти, рече д-р Кристијан Костов, директор на ГОБ „8 Септември“.

Доцент д-р Танер Хасан, ендокринолог, началник на интерни одделенија во ГОБ ,,8 Септември, информираше дека пациентите ќе можат да доаѓаат во Центарот преку ,,Мој термин". Центарот ќе биде зачленет и меѓу ваквите центри во Европа, преку европското здружение за обезност. 

- Заедно со Здружението за обезност од Република Северна Македонија, „ОБЕМ", ќе имаме заедничка соработка. Ќе реализираме настани и едукативни програми за целото население, со цел да се подигне свеста на населението за обезноста. Бидејќи подолго време наназад, за жал, обезноста не се прифаќаше како хронична болест. Меѓутоа, веќе последниве години се повеќе доаѓаат до израз компликациите што настануваат од самата обезност како болест. Затоа веќе имаме направено планови заедно со Здружението, за едукација, семинари, симпозиуми низ целата држава. Да се споделат и податоците и информациите, соопшти Хасан. 

Тој нагласи дека има доста голем број на пациенти, за жал, во адолесцентна возраст, коишто имаат обезност и ризик за појава на дијабетес и други нарушувања. 

Научниот соработник д-р Ирфан Ахмети, претседател на научното Здружение за обезност „ОБЕМ",  го поздрави отворањето на ваков центар. 

- За жал, дебелината зазема пандемиски размери. Околу 650 милиони луѓе во светот се обезни. Мора да ја подигнеме свеста дека дебелината е болест, што, за жал, е поврзана со многу компликации. Целта е навреме да се препознава дебелината меѓу населението и да се побара стручна консултација, да се постави дијагноза и да се следи соодветно и мултидисциплинарно, под контрола на стручен тим. За да се намали телесната тежина во рамките на нормалата и да се подобри општото здравје, рече Ахмети. бд/лв/

Остани поврзан