• вторник, 17 декември 2024

Отворен првиот Тренинг-центар за гасење пожари од нафтени деривати

Отворен првиот Тренинг-центар за гасење пожари од нафтени деривати

Скопје, 22 мај 2024 (МИА) - Во скопско Миладиновци денеска беше отворен Тренинг-центарот за гасење пожари од нафтени деривати, прв од ваков тип во земјава. Тренинг-центарот, со вкупна површина од 1.000 квадратни метри, е лоциран во кругот на ОКТА, изолиран од резервоарскиот парк и рутите на движење на цистерните со деривати.

На почетокот, Центарот ќе функционира како полигон за обука и вежби на техники за гасење пожари предизвикани од нафтени деривати и ќе се користи за обука на вработените во ОКТА, како и за заеднички вежби со противпожарните единици со кои компанијата има склучено меморандуми за соработка.

Во следната фаза планирано е Тренинг-центарот да се прошири и со реквизити за обука и тренинг за справување и со други видови пожари, како што се: пожари во затворени простории, пожари од А-категорија, но и во истражување на техники за спасување во случај на пожар во затворен простор. Истовремено, овој прв тренинг-центар ќе им биде ставен на располагање на државните институции, локалните самоуправи и на други компании, за вежби и обуки на своите противпожарни единици.

Ице Рикаловски, директор на оператива во ОКТА, во чиј круг е поставен Тренинг-центарот, истакна дека на почетокот тој ќе биде дополнување на нивниот концепт за кризен менаџмент и веќе постоечката инфраструктура за вежби и доусовршување на нивниот противпожарен тим, но и на останатите вработени. 

- Центарот ни овозможува сигурно и безбедно користење, тренирање и работа со отворен пламен без никакви ризици во останатиот дел од инсталации. Инфраструктурата на овој Центар кој вклучува подземна хидрантска линија со поставени дополнителни четири (4) надземни хидранти за обезбедување на доволни количества вода во случај на итност, довод на дериват за изведување на вежбите, согласно претходно утврдени симулации, изведен според најстрогите API-стандарди и елементи за симулација и стручна практична обука овозможуваат безбедни и строго контролирани услови за тренинг и усовршување, рече тој.

Противпожарната единица на ОКТА е основана со самиот почеток на работа на компанијата и располага со две целосно опремени противпожарни возила, како и друга дополнителна опрема за гасење пожар. Оваа противпожарна единица брои 23 високо обучени професионалци, особено во делот на заштита од пожар и експлозии во нафтена индустрија и за гасење пожари во урбани средини.

На отворањето на Тренинг-центарот беше изведена показна вежба на противпожарната единица на ОКТА за гаснење на пожари предизвикани од нафтени деривати. фф/бак/

Фото: ОКТА

Остани поврзан