• вторник, 19 ноември 2024

Отворено првото инклузивно игралиште во Делчево

Отворено првото инклузивно игралиште во Делчево
Делчево, 15 септември 2022 (МИА) - Во деветолетката „Ванчо Прке" во Делчево пуштено е новото инклузивно и пристапно игралиште сместено во дворот на училиштето. Игралиштето е донација обезбедена преку проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ финансиран од Европската Унија, кој почетокот на учебната година го одбележува со донација на деветтото инклузивно игралиште во земјава, со кое се придонесува во креирање на инклузивна клима во училиштата.
Проектниот менаџер Бранка Џајковска истакна дека во изминатите две години Фондацијата ,,Чекор по чекор" преку проектот има за цел да создадат пристапни и стимулативни средини за учење, а училиштата опфатени со проектот да бидат места со еднакви можности за образование на децата, вклучувајќи ги и оние со физичка, сетилна и интелектуална попреченост.
-Инклузивните игралишта како ова во ООУ „Ванчо Прке“ нудат стимулација на учениците со попреченост и нивна вклученост во играта, она што во суштина е најзначајно за децата. Со задоволство го ставаме во употреба ова игралиште и се надеваме дека ќе стане место каде секојдневно ќе се поттикнуваат способностите и вештините на учениците, а ние, заеднички со вакви и слични активности ќе ја создаваме сликата за инклузивното образование во земјава, од кое сите ќе имаат придобивка, рече Џајковска.
Инклузивното игралиште сместено во централното училиште ООУ „Ванчо Прке“ во Делчево, во кое се образуваат околу 500 ученици како што додаде градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски е од огромна важност за Општината.
-Ме радува фактот што во Делчево, посебно, во образовните институции, максимално се инвестира во создавање подобри и еднакви услови, како и можност за перманентен развој и инклузивност во образовниот процес на учениците со попреченост. Изразувам благодарност до раководниот тим од училиштето „Ванчо Прке“ и до донаторите кои овозможија Делчево да го добие првото инклузивно детско игралиште, кое врз основа на содржината и на елементите кои се инсталирани, ќе биде уникатно катче и ќе даде голем придонес во правилниот раст и развој на учениците со посебни потреби, рече Трајковски.
Најави дека Општината ќе продолжи со поддршка за реализација на проекти со кои се подобруваат капацитетите за инклузивност не само во училиштата, туку и во општината, со цел  секое училиште да добие простор во кое сите деца ќе имаат еднакви можности за раст и развој.
Отворањето на ова инклузивно игралиште е национален настан во реализација на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ го реализира заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“.
Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука. вс/дма/

Остани поврзан