• сабота, 21 декември 2024

Отворени денови во Стоби за промоција на новата мобилна апликација Immersium

Отворени денови во Стоби за промоција на новата мобилна апликација Immersium
Скопје, 22 ноември 2022 (МИА) - Од денеска до 25 ноември во Театарот на археолошкиот локалитет Стоби, ќе биде промовирана новата мобилна апликација Immersium - интерактивна дигитална алатка која овозможува уникатно културолошкo искуство низ истражување, едукација и забава на археолошкиот локалитет. Влезот е слободен за сите заинтересирани и активностите ќе се одвиваат од 8 до 15 часот. -Спасувајќи го императорот Теодосиј (Saving Emperor Theodosius) е приказна преку која ќе се обидеме да го приближиме римскиот град Стоби до неговите посетители. Во улога на посетител на градот, ќе имате можност преку интерактивен водич (кратки игри, квизови, реконструкции) на вашиот мобилен телефон да искусите дел од секојдневието на стобјани од крајот на 4 век од н.е. (поточно во 388 година од н.е.), што претставува и единствена досега потврдена посета на римски император во Стоби. Апликацијата е бесплатна и ќе може да ја користи секој посетител на локалитетот, велат од Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“. Според Центарот, искуствата создадени преку Immersium водат до откривање нераскажани историски и културни приказни со интерактивна содржина, VR и AR, поддржани со аудио визуелни елементи, гејмификацијa, аватарски карактери итн. Апликацијата е продукт на двогодишен проект (Immersive Storytelling Driven Cooperation for Cultural Heritage Dissemination in the Western Balkans), плод на соработка помеѓу седум институции од пет балкански земји: Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби - Градско (Северна Македонија), Центар за социјални иновации Блинк 42-21 (Скопје, Северна Македонија), Универзитет Аристотел (Солун, Грција), фондацијата Балканско Наследство (Софија, Бугарија), Археолошки институт за археологија (Белград, Србија), Градски музеј Љубљана (Љубљана, Словенија) и Nexto (Словенија). Проектот е финансиран од Европската комисија. мч/мд/

Остани поврзан