• вторник, 03 декември 2024

Отворена меѓународната научна конференција „Мит и драма: современи интерпретации“

Отворена меѓународната научна конференција „Мит и драма: современи интерпретации“

Скопје, 29 ноември 2024 (МИА) - На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје претпладнево беше отворена дводневна меѓународна научна конференција „Мит и драма: современи интерпретации“, на која денеска и утре шеесетина експерти од областа на хуманистичките науки и театарските студии, кои истражуваат во земјава и во странство ќе дискутираат за комплексните релации меѓу драмата и митот, од  антиката до денес, во глобални рамки.

Деканот на Филолошкиот факултет на УКИМ Владимир Мартиновски изјави дека конференцијата ја организираат заедно со Институтот за македонска литература и Факултетот за драмски уметности.

-Три единици од УКИМ се собравме за да организираме една интердисциплинарна панорама на големиот број теми кои ги обединуваат, во овој случај шеесетина еминентни научници од десетина земји, кои денеска и утре, практично, од своите позиции – дали од своето академско искуство или од аголот на своите дисциплини, ќе ги разгледаат односите меѓу митот и драмата. Специфика на оваа конференција е тоа што и пред нејзиното започнување, подолго време и студентите се вклучија во свои реинтерпретации на класичните митови, благодарејќи на соработката со нивните ментори – професори на Факултетот за драмски уметности, изјави Мартиновски.

Токму со студентите утре попладне во 17.15 часот ќе биде заокружена оваа конференција на која, покрај домашни, има и учесници од Франција, Италија, Шпанија, Грција, Хрватска, Србија, Бугарија, Мароко, Финска... 

Студентите ќе ги презентираат резултатите од работилниците наменети за нив,  за креативно пишување и за театарска изведба, водени од професорите Зоја Бузалковска, Маја Стевановиќ и Александар Степанулевски од Факултетот за драмски уметности.

Во рамки на програмата на конференцијата има и две пленарни предавања  - денеска е предавањето на Светлана Слапшак - редовен професор и декан во пензија од Институтот за балкански и медитерански студии и култура во Љубљана, и утре предавањето на Катерина Колозова - редовен професор и директор на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје.

Мартиновски додаде дека во план е и објава на зборник од излагањата на учесниците на конференцијата. Како што рече, зборникот е веќе структуриран според 14-те панели бидејќи секој панел е тематски. хс/лв/

Фото: МИА 

 

 

 

Остани поврзан