• понеделник, 23 декември 2024

Отворена изложбата „Пролетен салон“ во Тетово

Отворена изложбата „Пролетен салон“ во Тетово

Тетово, 22 мај 2023 (МИА) - Во фоајето на тетовскиот Центар за култура „Иљо Антески - Смок“ од вечерва се изложени 56 дела на исто толку уметници - учесници на колективната ревијална изложба „Пролетен салон 2023“, во организација на Здружението на ликовни уметници на град Тетово. Изложени се дела од областа на сликарство, вајарство, графика, графички дизајн и фотографија.

На свеченото отворање вечерва, Здружението на ликовни уметници на град Тетово заедно со Центарот за култура, постхумно доделија плакета - благодарница на семејството на академскиот сликар Александар В. Настески, кој почина во јануари оваа година. На изложбата за првпат е претставено и неговото дело „Македонија - ера на кладенките“.

- Академскиот сликар Александар В. Настески беше еден од основачите и вреден член на Здружението. Нека е вечен споменот за него, кој пет децении создаваше дела и го претставуваше нашиот град и Здружението со многу изложби во повеќе држави, порачаа од Здружението.

Ивана Настески, ќерка на Александар, а воедно и учесник на изложбата со нејзината слика „Ден и ноќ“, рече дека ѝ е чест што добива благодарница.

- Татко ми беше еден од основачите на Здружението на ликовни уметници на град Тетово како и еден од основачите на ликовното студио при Домот на култура „Иљо Антески - Смок“, истакна таа.

Учесниците на изложбата ги поздрави и тетовскиот градоначалник Биљал Касами.

- Чест ми е да бидам дел од оваа изложба и тоа што Тетово станува важна точка во областа на уметноста на национално ниво и пошироко. Затоа на сите ликовни уметници им посакувам успех и на светско ниво, додаде градоначалникот.

Покрај уметници од Тетово, со свои дела се претставени и артисти од други градови низ државата, како и од земјите во опкружувањето. ас/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан