• недела, 22 декември 2024

Отворена изложбата на пастели „Девојки и сведоци“ и претставена монографијата „Урбани пејзажи“ на уметникот Павле Кузманоски

Отворена изложбата на пастели „Девојки и сведоци“ и претставена монографијата „Урбани пејзажи“ на уметникот Павле Кузманоски
Тетово, 20 октомври 2022 (МИА) - Со промотивните обраќања на Климе Коробар, историчар на уметност, и академик Витомир Митевски свечено беше отворена изложбата на слики „Девојки и сведоци“ и презентирана монографијата „Урбани пејзажи“ на тетовскиот академски сликар Павле Кузманоски. Настанот вечерва се одржа во салата на Музејот на тетовскиот крај. Промоторот Коробар, кој зборуваше за изложбата на слики „Девојки и сведоци“, посочи дека тие два циклуси говорат за минатото и иднината, како и дека девојките со својата младина и убавина се контрапункт на сведоците. - Таа младост и убавина со својата енергија ја полнат нивната душа и нив велат дека младоста и убавината секогаш носат подобра иднина. Иднина која во овој момент ни е неопходно потребна. Младите девојки пленат со својата убавина, а во повеќе случаи инспирирани од убавините на Шар Планина, мртвата природа и актот во различни варијкации и варијанти. Сведоците се омилената тема на Павле, тие се измислени ликови, но секој со свој карактер, заедничка нитка на сите нив е дека овие стари лица со бради населени во имагинарниот свет на сликата кои се тука, тоа се мудреци кои ја акумулирале тајната на мудроста за да нè опоменува, да нè тераат на размислување затоа што драмата се случува тука околу нас, а не во некоја друга земја, истакна Коробар. Академик Витомир Митевски истакна дека „Урбани пејзажи“ е ликовна автобиографија со која уметникот нè води во урбаниот простори кои на него му се блиски. Тука се дела од мотиви од младоста од родно Тетово од ученичките денови во Скопје, престојот во Белград, па сè до студскиот престој во Париз и Анже во Франција. Оваа постапка ја доживувам како доказ за уметничка зрелост и самодоверба. Нашиот уметник настојува да се изрази колку што е можно поедноставно, поконцизно, во неколку цртички, а тоа е најтешкото, истакна Митевски. Авторот, уметникот Павле Кузманоски рече дека монографијата е сублимат на неговото 60-годишно творештво, а изложбата на слики во пастел-техника е нешто што по долго време се одлучил да го направи. - Тоа е една техника малку деликатна, спротивна на акварелот, на маслените бои, темперите и така натаму. Имајќи една таква желба која ја одама не сум ја практикувал, сакав да пробам. Направив 20 такви дела. Десет од нив се од циклусот девојки, поставени лево на изложбата, а другите десет сведоци изложени на десно од изложбениот простор. Во чело се поставени и десет слики, дел од сликите и цртежите застапени во монографијата „Урбани пејзажи“, изјави Павле Кузманоски. Кузмановски е роден во Тетово во 1939 година. Во 1966 година дипломирал на Академијата за применети уметности во Белград, Србија. Неговото ателје се наоѓа во родното Тетово каде поседува огромна колекција на уметнички слики. ас/рп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан