Отворање на изложбата „Современа скулптура“ на ДЛУМ
- Изложба „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) вечер ќе биде отворена во Уметничкиот центар „Арт Хаб“.
Скопје, 23 март 2023 (МИА) - Изложба „Современа скулптура“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) вечер ќе биде отворена во Уметничкиот центар „Арт Хаб“. Изложбата е дел од програмските активности и е можност за групно претставување на поновите истражувања и идеи за современата скулптура.
Како што соопшти ДЛУМ, уметниците истражуваат и експериментираат низ формата и изразот, а нивните креативни авантури се материјализираат преку финалниот облик на идејата. Низ делата се забележува класична употреба на материјали во процесот на лиење (бронза, алуминиум), обликување на метал (инокс), комбинирани техники во метал, жица, обработка на мермер и дрво, но и бетон, пластика, текстил, готови предмети, еколошки пристап на рециклирање и други материјали.
Изложбата ќе претстави 22 дела од 19 автори: Гордана Петрова, Димитар Филиповски, Нела Јанковска, Стефан Јакимовски, Слободан Милошески, Стефан Анчевски, Озбет Ајваз, Марјана Костојчиновска Узунчева, Златко Бојковски, Анѓел Димовски Чауш, Тања Миљоска, Душан Ѓоргиевски, Ненад Тонкин, Синиша Новески, Сашо Саздовски, Маја Танева и Никола Смилков.
Во чест на наградата „Боро Митриќески“, поставено е и дело на еден од доајените на современата скулптура, Боро Митриќески, а во изборот е вклучено и дело на керамичарот Боро Новаковски.
Секоја година семејството Митриќески доделува награда за најдобра скулптура, којашто ќе биде соопштена на отворањето на изложбата.
Изложбата, која ќе ја отвори претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, ќе може да се посети до 1 април, во работното време на галеријата - од 11 до 18 часот.
Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура и во соработка со Уметничкиот центар „Арт Хаб“. мд/хс/