Осум милитанти загинаа во обид за напад на пакистанско пристаниште
- Пакистанските безбедносни сили одбија напад на милитанти врз комплекс во близина на стратешкото пристаниште Гвадар, при што беа убиени сите осум напаѓачи, соопштија локалните власти.
Исламабад, 20 март 2024 (МИА) – Пакистанските безбедносни сили одбија напад на милитанти врз комплекс во близина на стратешкото пристаниште Гвадар, при што беа убиени сите осум напаѓачи, соопштија локалните власти.
Кина инвестираше многу во југозападната провинција Балуџистан богата со минерали, вклучувајќи го и развојот на Гвадар, и покрај деценискиот сепаратистички бунт.
Вооружени со огнено оружје и бомби, милитантите упаднале во комплексот веднаш до пристаништето во кое се сместени канцелариите на владините министерства, разузнавачките агенции и паравоените сили, рече Саид Ахмед Умрани, владин комесар.
Милитантите активирале серија бомби пред да отворат оган и се обиделе да упаднат во комплексот, рече тој.
Во објава на Х, главниот министер на провинцијата Сарфраз Бугти рече дека „безбедносните сили неутрализираа осум милитанти“.
- Пораката е јасна и гласна. Кој ќе реши да употреби насилство, државата нема да има милост, нагласи тој.
Имаше извештаи дека најмалку еден војник е убиен, а други се ранети, рече Умрани. Војската не објави детали.
Ослободителната војска на Балуџистан (БЛА), најистакнатата од неколкуте сепаратистички групи во Балучистан, ја презеде одговорноста за нападот во соопштение, велејќи дека нејзините милитанти ги нападнале канцелариите на пакистанските разузнавачки агенции.
БЛА претходно беше вклучена во напади врз пакистански и кинески проекти во регионот и на други места.
Длабоководното пристаниште е клучно за кинеско-пакистанскиот економски коридор (ЦПЕЦ), кој исто така вклучува патишта и енергетски проекти и е дел од иницијативата „Појас и пат“ на кинескиот претседател Си Џинпинг.
Кинески цели веќе беа на удар на неколку милитантни групи во Балуџистан во Пакистан, за кои велат дека со децении се борат за поголем удел во регионалното богатство од рудници и минерали. јт/