• четврток, 19 декември 2024

Осум држави го загубија правото на глас во ОН

Осум држави го загубија правото на глас во ОН
Њујорк, 12 јануари 2022 (МИА) - Осум држави, меѓу кои Иран, Судан и Венецуела, го загубија правото на глас во ОН поради преголемиот долг кон организацијата, изјави генералниот секретар Антонио Гутереш.
Вкупно 11 земји-членки во моментов доцнат со уплатата на придонесите согласно членот 19 од Повелбата на ОН, наведе Гутереш во писмото до членовите на Генералното собрание. Членот 19 предвидува суспензија на правото на глас во Генералното собрание за секоја земја чии заостанати долгови се еднакви или поголеми од придонесите што ги платила во последните две години. - Ако неплаќањето се случило „поради околности кои се надвор од контрола“, државата сè уште може да го задржи своето право на глас, што е случај оваа година за три земји - Комори, Сао Томе и Принсипе и Сомалија, нагласи Гутереш. Покрај Иран, Судан и Венецуела, своите права ги загубија уште пет земји - Антигва и Барбуда, Конго, Гвинеја, Папуа Нова Гвинеја и Вануату. За да може овие држави да го вратат правото на глас, потребно е да се плати барем минимална сума која не е иста за сите земји. Иран треба да плати повеќе од 18 милиони долари, Судан околу 300.000 долари, а Венецуела речиси 40 милиони долари. Иран уште минатата година го загуби правото на глас поради долг. Иранските власти тогаш изјавија дека не можат да ја платат сумата поради санкциите што им ги воведоа САД. По неколкумесечни преговори, Иран доби ослободување што му овозможи да го плати минималниот потребен долг и да ги врати своите гласачки права во јуни, непосредно пред изборот на новите членки на Советот за безбедност на ОН. Годишниот оперативен буџет на ОН, одобрен во декември, изнесува околу три милијарди долари. Буџетот за мировни операции, одобрен во јуни, изнесува околу 6,5 милијарди долари. гт/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан