Остин ќе се појави на сослушување пред Конгресот за криењето на болеста
- Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска ќе се појави на сослушување пред американскиот Конгрес, бидејќи отишол на операција на рак на простата без да го извести американскиот претседател Џозеф Бајден или неговиот заменик во Пентагон.
Вашингтон, 29 февруари 2024 (МИА) - Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска ќе се појави на сослушување пред американскиот Конгрес, бидејќи отишол на операција на рак на простата без да го извести американскиот претседател Џозеф Бајден или неговиот заменик во Пентагон.
-Целосно е неприфатливо што беа потребни повеќе од три дена за да се извести претседателот дека министерот за одбрана е во болница, а не го контролира Пентагон. Војните беснеат во Украина и Израел, нашите бродови беа под оган во Црвеното Море, а нашите бази се подготвуваа за напади во Ирак и Сирија, а врховниот командант не знаеше дека неговиот секретар за одбрана не е на должност, изјави претседателот на Комитетот на вооружените сили на Конгресот Мајк Роџерс, пренесуваат британските медиуми.
Остин претходно се извини што не го информирал Бајден навреме за болеста, хируршката интервенција и хоспитализацијата, објаснувајќи дека бил шокиран кога дознал дека има рак.
Сослушувањето ќе биде првпат конгресмени директно да го испрашуваат. Во понеделникот, Пентагон ги објави резултатите од 30-дневната внатрешна истрага за целиот случај, која заклучи дека „ништо што е истражено не покажало никакви индикации за злонамера или обид за измама“.
И републиканските и демократските претставници во Конгресот го критикуваа Остин дека не ја открил неговата дијагноза за рак и последователната хоспитализација, додека некои членови на Републиканската партија, вклучително и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, побараа Остин да биде сменет од функцијата. мс/
фото: МИА архива