• петок, 22 ноември 2024

Остин: САД прават сè за да ги зајакнат односите со Турција

Остин: САД прават сè за да ги зајакнат односите со Турција

Вашингтон, 16 март 2023 (МИА) - САД имаат намера да ги задржат своите „долгогодишни силни односи“ со Турција, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, пренесе Анадолија.

- Ние имаме намера да направиме сè што можеме за да остане така, им рече Остин на новинарите како одговор на прашањето за барањето на Анкара да купи борбени авиони Ф-16 и комплети за модернизација за постојната турска авио-флота.

Остин одби да коментира за каква било потенцијална продажба на оружје пред Конгресот да биде официјално известен, но нагласи дека „Турција останува многу вреден партнер и ќе се погрижиме да направиме се што можеме за да продолжиме да ги зајакнуваме нашите односи“.

Во октомври 2021 година, Турција побара купување на 40 борбени авиони Ф-16, како и 80 комплети за надградба за нејзините постоечки ловци.

Администрацијата на Џо Бајден неформално го извести Конгресот за одобрувањето на продажбата во јануари, но клучните пратеници се заканија дека ќе го попречат договорот бидејќи го поврзаа купувањето со одобрувањето на Анкара за кандидатурите за членство на Финска и Шведска во НАТО.

Запрашан за потенцијалната продажба, портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин рече дека поврзувањето на прашањето со продажбата е „целосно нелогично, неприфатливо и контрапродуктивно“.

„Тоа испраќа многу погрешна порака и не му помага на процесот“, додаде тој во понеделникот на бизнис форум во Вашингтон. ссм/

Остани поврзан