Османи – Зурабишвили: Вклучувањето на жените во мировниот процес значи долгорочен и одржлив мир
- Вклучување на сите засегнати страни при медијацијата на конфликтни ситуации е од клучно значење. Ова беше една од пораките што Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи ја истакна на средбата со претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили.
Скопје, 10 април 2023 (МИА) - Вклучување на сите засегнати страни при медијацијата на конфликтни ситуации е од клучно значење. Ова беше една од пораките што Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи ја истакна на средбата со претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили.
Тоа, рече Османи, ќе овозможи сеопфатност на процесот што ќе доведе до повеќе посакувани резултати.
-Во таа насока, особено е важно вклучувањето на жените во мировните процеси, бидејќи преку еден таков пристап може да се обезбеди долгорочен и одржлив мир. Сите учесници треба да го подобрат значајното учество на жените во Mеѓународните дијалози во Женева и сметаме на вашата поддршка. Целосно сме свесни за вашата силна улога на полето на женското лидерство во решавањето на конфликти, истакна Османи на средбата со Зурабишвили.
Покрај поддршката на ОБСЕ за решавање на овие прашања во рамки на воспоставените меѓународни платформи, ОБСЕ, како што рече Османи, е подготвен да го засили својот ангажман директно во и со Грузија преку претставување на нови програми во трите димензии на безбедноста.
Во тој контекст Османи порача дека ОБСЕ може да даде дополнителен импулс и на регионалните иницијативи.
-За спроведувањето на оваа идеја јас давам целосна политичка поддршка и ве уверувам дека Претседателството е подготвено да го сподели своето специфично искуство од Северна Македонија и од Балканот за зајакнување на регионалната соработка, истакна Османи. дма/са/
Фото:МНР