• петок, 22 ноември 2024

Османи: На состанокот на експертските групи на МНР на Северна Македонија и Бугарија е направена евалуација на меѓусебните односи

Османи: На состанокот на експертските групи на МНР на Северна Македонија и Бугарија е направена евалуација на меѓусебните односи

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - На состанокот на експертските работни групи на министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, според министерот за надворешни работи Бујар Османи, била направена евалуација на степенот на односите или нивото на односите меѓу двете држави.

-Соопштенијата беа идентични. Обично кога имаме заеднички соопштенија ние го сметаме како успех, рече Османи во Топ Тема на телевизија „Телма“, посочувајќи дека фокусот бил и на секторската билатерална соработка, меѓутоа и на Договорот за добрососедство и европскиот пат на државата. Овој циклус средби, според него, почнал на наша иницијатива. 

-После таа криза на односи што се случи околу здруженијата, ние се обидовме да се вратиме повторно во еден нормален колосек бидејќи јас верувам во тезата дека доколку не комуницираме некој друг ќе влезе во таа комуникација и ќе ја помести, ќе ја измести на друга патека така што беше една од редовните средби помеѓу двете министерства, рече Османи. 

Меѓу другото станало збор и за бизнис форумот што во декември треба да се одржи во Софија, после оној во Скопје минатата година. 

Овие состаноци, нагласи Османи, не се поврзани со отворање на поглавјата. -За втората меѓувладина конференција има само еден услов, а тоа се уставните измени. За отварањето на поглавјата се само бенчмарковите, а тоа се доказите за владеење на право и за јавна администрација. Ништо од протоколот не е услов за втора меѓувладина конференција освен уставните измени или пак за отварање на поглавјата, рече министерот за надворешни работи. ев/бак/  

 

 

 

 

 

Остани поврзан