• сабота, 21 декември 2024

Османи: Кочењето на европската интеграција е најголемото предавство кон сопствениот народ

Османи: Кочењето на европската интеграција е најголемото предавство кон сопствениот народ

Скопје, 9 април 2024 (МИА) - Кочењето на европската интеграција е најголемото предавство што може кој било политичар или политичка партија да го направи кон сопствениот народ. Нема алтернатива за уставните измени, нема да има влада без уставни измени и уставните измени ќе почнат да се имплементираат веднаш по изборите, порача претседателскиот кандидат на Европскиот фронт Бујар Османи. 

-Нема алтернатива за уставните измени. Нема да има влада без уставни измени. И уставните измени ќе почнат да се имплементираат веднаш по изборите. Ако ја добијам поддршката на граѓаните за претседател првата работа што ќе ја направам е да ги повикам и условно кажано да ги затворам лидерите на политичките партии и главните фактори во претседателскиот кабинет и тој состанок ќе трае ако треба со денови и недели и месеци. Но, нема да излеземе од тој состанок додека не си подадеме рака еден на друг додека не постигнеме натпартиски и надетнички и државен консензус дека ќе продолжиме да се расправаме и натпреваруваме под однос на сите прашања. Но, не и по однос на ЕУ, бидејќи нема преговори со ЕУ. Директивите и регулативите на ЕУ се фиксни или ги прифаќаме или ги одбиваме, или сакаме во ЕУ или не сакаме во ЕУ. И затоа мојата првата задача, мој прв завет во оваа кампања е ЕУ до 2030 година, рече Османи на новинарско прашање во однос на заложбите на опозицијата дека нема да прифати уставни измени под бугарски диктат и за неговиот став за влада на национален спас и кои партии би ја формирале.

Според него, доколку се пропушти актуелниот моментум, престои вели, блокада за наредните две децении на нашите евроинтеграции. 

-Ако ја пропуштиме оваа шанса, ако го пропуштиме овој историски прозорец на можноста, ќе ни се случи Преспа 2, ќе ни се случи 20 години блокирање во коишто дополнително ќе ја изгубиме и сржта на нашата младина, на нашите граѓани, на нашиот човечки капитал. Граѓаните немаат веќе резерви на толеранција на политичари авантуристи коишто калкулирајќи ја својата политичка иднина не ги гледаат автобусите и авионите на нашите граѓани коишто ја напуштаат државата со туѓ пасош. И затоа тоа ќе биде мојата прва и најважна задача и нема да престанам да се борам, нема да престанам да убедувам секој еден граѓанин каде и да живее, од која етничка припадност да е – да уверам дека ЕУ е кислородот за нашето функционирање, е единствената ѕвезда водилка за успехот на оваа мултиетничка демократија. И дека без ЕУ ние ќе останеме едно слепо црево на регионот во којшто ќе гниеме од неможноста да ги имаме европските вредности овде, потенцира Османи.

Тој ја обвини за лажен патриотизам опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи вели, најавуваат дека нема да го спомнат уставното име после изборите, а ги потпишале сите листи за кандидатури за претстојните избори со уставното име. 

-Кочењето на европската интеграција е најголемото предавство што може кој било политичар или политичка партија да го направи кон сопствениот народ. Секој ден доцнење на интегрирањето во ЕУ е еден ден повеќе можност група Македонци да земаат бугарски пасош за да ја напуштаат државата. И тоа можам да го потврдам со факти. Со секој  ден оневозможување за граѓаните нашиот пасош да биде европски, една група Македонци одат во Софија лажно се опишуваат дека имаат бугарско потекло, земаат бугарски пасоши и ја напуштаат државата. Е ова е тој патриотизам што го заговараат политичките партии коишто ни продаваат фолклор дека нема да го спомнат уставното име после изборите, а ќе ги потпишат сите листи за кандидатури со уставното име. Истото е и со Албанците, и со Турците, и со Ромите, и со Бошњаците, се секој ден одложување дел граѓани ја напуштаат државата. Можеме да ја наречеме државата како сакаме, но држава без луѓе нема смисла, а тоа ни се случува овде со оваа политичка авантура на политичари коишто власта ја сметаат како нивна животна цел, а не како инструмент за подобрување на условите за живот на граѓаните, вели Османи.

Тој денеска во рамки на кампањата  одржа отворена дискусија на тема: Граѓански устав vs. Oхридски устав во Старата Скопска Чаршија, порача дека на овие избори граѓаните се оставени пред два различни концепта – на укинување на Рамковниот договор, враќање на демократијата на мнозинскиот модел во кој што ќе се исклучи гласот – одлучувањето на сите заедници и Охридскиот устав којшто доведе до еднаквост, соживот и благосостојба во оваа држава.

-Затоа како претседател на државата нема да дозволам или ќе ја промовирам консензуалната демократија. Консензуалната демократија во која што ќе создадеме општество и држава каде што заедниците ќе ги имаат подеднакво истите права и привилегии, меѓутоа и граѓаните индивидуално ќе ги имаат истите права и можности. Никој нема да биде исклучен од политиките што треба да ги донесе државата од позиција на претседател на државата и секој ќе има можност за успех, секое дете ќе има можност да успее независно од неговото или нејзиното етничко религиско потекло, културните особености, социјалните услови, географската локација каде се родени и каде живеат, вели Османи.

Тој смета дека оваа иницијатива има цел да се спречи внесувањето на Бугарите во Уставот, не размислувајќи при тоа, вели, за негативните последици од неа во однос на државата.

-Мислам дека оваа тема е многу важна и дека денеска панелистите едногласно констатираа дека најголемиот  ризик за оваа држава е аброгирање на Охридскиот рамковен договор преку повлекување промени коишто ќе значат повлекување на етничките заедници од формативниот дел од Уставот и Преамбулата што значи целосно аброгирање, веројатно ова е почната како идеја за да се спречи внесувањето на Бугарите во Уставот, меѓутоа, не размислувајќи за страшните последици во однос на државата. Тоа што шокира е што одредени албански партии влегоа во таквата приказна веројатно од калкулациите за власт и забораваат дека Охридскиот рамковен договор е всушност платформата која што овозможи маргинализираните, обесправените и дискриминираните заедници денеска да имаат можност, да имаат премиер, да имаат и министер за надворешни работи, министер за финансии и да може да бидат додадена вредност, а се разбира и квалитет во одлучувањето, во водењето и во политичкото партиципирање во државата, наведува Османи. вг/ац/

Фото: МИА

 

Остани поврзан