• понеделник, 23 декември 2024

Османи: Европската агенда на Северна Македонија мора да биде приоритетна за сите политички актери

Османи: Европската агенда на Северна Македонија мора да биде приоритетна за сите политички актери

Скопје, 30 октомври 2023 (МИА) - Враќањето на проширувањето на агендата на Европската Унија по создадениот геополитички и безбедносен контекст претставува извонреден повик за сите земји кои се стремат за европска интеграција. Во овој контекст, време е сите политички чинители да се обединат за европската агенда на Северна Македонија, како приоритетна агенда на сите чинители во државава, истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи на денешната дискусија со граѓани насловена „Новите геополитички случувања и влијанието врз Северна Македонија“, организирана од Институтот за европска политика. 

-Она што е различно овој пат, на нашиот европски пат, кој воедно е своедна раскрсница за нас, е тоа што кај нас е топката дали ќе успееме во овој геополитички момент, во овој временски теснец да се протнеме низ вратата на ЕУ која води кон забрзана интеграција за државите со докажан проевропски курс. Тоа претпоставува усвојување на уставните измени за да можеме да чекориме напред во нашиот пристапен процес, рече Османи, соопшти МНР.

Доколку не успееме да се качиме на тој воз, според министерот за надворешни работи, ќе ја следиме траекторијата на движење на оние држави од Западен Балкан, кои многу мачно и бавно ќе се движат во поглед на идно членство на ЕУ, бидејќи ќе влеземе во групата на држави од регионот што имаат отворени билатерални прашања кои треба допрва да ги решат пред да продолжат со евроинтеграцијата.

Повторното отворање на билатералните прашања со Бугарија, додава тој, нема да биде поповолно од она што сега е.

Од друга страна, според министерот, принципот на заслуги мора да остане апсолутен императив во односите меѓу Унијата и земјите кандидати.

-Kога нашите земји ќе ги испорачаат сите во нивните досиеја, ЕУ мора да испорача. Ова е крајниот мотиватор и се надеваме дека ЕУ ќе може да донесе важни одлуки за регионот во декември, оваа година, вели Османи, кој се осврна и на други актуелни прашања од надворешната политика на земјата.

На настанот кој се одржа на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје со свои видувања учествуваа и професорот од овој факултет Ненад Марковиќ, кој е и член на Совет за безбедност и Весна Попоска, деканка на Правниот факултет на Меѓународниот универзитет „Визион“, стои во соопштението. вг/дма/

Фото: МНР

Остани поврзан