• петок, 22 ноември 2024

Османи ги отфрли тврдењата на опозицијата која бара негова оставка

Османи ги отфрли тврдењата на опозицијата која бара негова оставка

Скопје, 17 април 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги отфрли како лаги и невистини обвинувањата од опозицијата која бара негова оставка бидејќи на прес-конференцијата со шпанскиот министер за надворешни работи не го користел македонскиот јазик како официјален јазик на државата.

- ВМРО-ДПМНЕ се повеќе прераснува во шовинистичко здружение кое не ги почитува ни своите поддржувачи кога на светите празници изнесува лаги и и невистини, а уште помалку останатите граѓани кои постојано ги навредува и омаловажува ширејќи етничка омраза и нетрпеливост, напиша Османи на неговата официјална фејсбук страница.

На фејсбук статусот е закажен и линк од прес-конференцијата со шпанскиот министер за надворешни работи.

Претходно, со став излезе и Министерството за надворешни работи. 

- Примената на Законот за јазици на сите настани што се организираат од страна на Министерството за надворешни работи, кои патем се чести, јавни, и многубројни, е секогаш соодветно имплементирана. На секој настан Министерот се обраќа пред домашната јавност на двата службени јазици дефинирани според Уставот и Законот за јазици, при што Министерството обезбедува превод, соодветно достапен за присутните медиуми. Напоменуваме дека употребата на службените јазици на Република Северна Македонија е материја која е регулирана со закон, каде прецизно е дефинирана употребата на службените јазици на земјава, и истата треба соодветно да се применува без притоа да биде предмет на политичка пресметка, се вели во реакцијата од МНР.
 
Оттаму ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да ги поткрепи своите тврдења со некаков доказ, запис или снимка, а во спротивно побараа јавно извинување.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побара оставка од Османи, а со осуда излезе и „Левица“.

- Бараме кривична одговорност за Османи, надлежните органи веднаш да поведат постапка и конечно во Македонија да се поведе соодветна постапка за дела против нарушување на угледот на државата како што е овој случај. Воедно, Османи веднаш да поднесе оставка од позицијата министер за надворешни работи, тоа е најмалце што може да го направи после ваквиот недржавнички потег кој е понижувачки кон сите граѓани на Македонија. Срамен, недржавнички и понижувачки е односнот на Бујар Османи кој во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба не го користи македонскиот јазик како официјален јазик на Република Македонија, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева. бак/

 

 

Остани поврзан