Осветлена новогодишната елка во центарот на Атина (Фото)
- На специјална манифестација, со концерт и во присуство на атинскиот градоначалник Харис Дукас, на плоштадот Синтагма во центарот на грчката метропола, синоќа свечено беше осветлена новогодишната 20-метарска елка, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 29 ноември 2024 (МИА) – На специјална манифестација, со концерт и во присуство на атинскиот градоначалник Харис Дукас, на плоштадот Синтагма во центарот на грчката метропола, синоќа свечено беше осветлена новогодишната 20-метарска елка, јави дописничката на МИА од Атина.
Елката оваа година е донесена од малото планинско село Таксиархис на вториот крак на Халкидики, односно како што го нарекуваат, селото на елките и е за три метри повисока од ланската.
Украсена е со 20.000 сијалички лед, со ниска потрошувачка на енергија и шарени лампиони, а голем дел од нив се од рециклирана пластика.
Градоначалникот на Атина Харис Дукас по осветлувањето посочи дека елката по празниците ќе ѝ ја донираат Академијата за ликовни уметности за да се користи како суровина за уметнички резбарски проекти за студентите.
Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА, атинскиот градоначалник испрати порака до туристите кои размислуваат да ја посетат Атина за празниците, велејќи дека градот може да биде и божиќна туристичка дестинација.
-Оваа година (туристите) ќе видат многу божиќни и новогодишни маркети и многу убави места во цела Атина и метрополата ќе покаже дека може да биде и многу добра туристичка дестинација и за Божиќ, рече Дукас.
Осветлувањето на елката го означи и почетокот на празничниот период во Атина, а во следниот планирани се низа настани во речиси сите населби во грчката метропола.
Првата новогодишна елка во Грција за оваа година беше свечено осветлена пред 20 дена, традиционално во селото Таксиархис на Халкидики, а во Солун, планирано беше осветлувањето да се случи в сабота заедно со пуштањето во употреба на метрото, меѓутоа поради најавите за невреме во текот на викендот, настанот со новогодишната елка е одложен за следната седмица. ср/ев/
Фото: МИА