• петок, 22 ноември 2024

Осветен храмот „Св. 40 Маченици“ на Смилковското езеро 

Осветен храмот  „Св. 40 Маченици“ на Смилковското езеро 

Скопје, 13 април 2024 (МИА) - Храмот „Св. 40 Маченици“ изграден на Смилковското езеро денеска беше осветен. Храмот е изграден во слава и сеќавање на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски и Борче Стефковски кои беа убиени на 12.04.2012 година на ова место.

Како што соопшти Општина Гази Баба, иницијатор за изградбата на овој храм е здружението на граѓани „Св. 40 Маченици“, а со посебна поддршка и помош од градоначалниците на општините Гази Баба и Бутел Бобан Стефковски и Дарко Костовски.

Чинот на осветувањето го изврши поглаварот на Македонската православна црква Охридска Архепископија г. г. Стефан.

- На ова место се случи исклучителна трагедија извршена од луѓе – нелуѓе, извршена од ѕверови во човечки кожа. Исто како 40те Маченици, животите на тие пет луѓе, христијани и македонци, чеда на мајката црква беа одземени поради само една причина, поради нивната христијанска вера и нивната македонска крв. Преку овие пет христијански души се покажува дека сведоштвото на мачениците претставува семе за црквата. И ете се изгради овој мал, но убав дом божји и денес ја имаме радоста да го осветиме, истакнал Г.Г. Стефан.

Тој упатил благодарност до сите кои помогнале за изградба на овој храм, а посебно до градоначалниците на Гази Баба и Бутел, Бобан Стефковски и Дарко Костовски за кој кажал дека ќе бидат одликувани од страна на Скопската епархија.

На осветувањето на храмот, присуствувале министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пратениците Владо Мисајловски, Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и голем број на граѓани. свс/мд/

Фото: Фејсбук

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан