• четврток, 04 декември 2025

Организаторите на ЗОИ „Милано Кортина 2026“ го презедоа олимпискиот оган, од Грција тргна за Италија

Организаторите на ЗОИ „Милано Кортина 2026“ го презедоа олимпискиот оган, од Грција тргна за Италија

Атина, 4 декември 2025 (МИА) – Од античкиот стадион „Панатенаик“ во Атина, каде што во 1896 година беа одржани првите модерни Олимписки игри, олимпискиот оган за Зимските Олимписки игри го започна патувањето кон Милано и Кортина, откако во изминатите девет ден ја помина цела Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

На Панатенаик се одржа свечена церемонија на предавање на олимпискиот оган, но поради прогнозата на Националната метеоролошка служба за лоши временски услови и невреме, од Грчкиот олимписки комитет одлучија манифестацијата да биде скратена и да не се одржи уметничката програма.

Уметничкиот дел беше претходно снимен и прикажан, целата церемонија сепак се одржа со сончево време, а почна да врне, откако италијанската делегација со олимпискиот оган го напуштија стадионот.

Олимпискиот оган на стадионот го внесе грчкиот светскиот шампион во борење Јоргос Кујумцидис, им го предаде на италијанските олимписки шампионки Јасмин Паолини и Филипо Гана, симболизирајќи ја врската помеѓу Грција и земјата домаќин на ЗОИ, а последна во штафетното предавање на пламенот во внатрешноста на стадионот беше светската шампионка во поло, Елени Ксенаки, заедно со нејзините соиграчки.

Претседателот на Грчкиот олимписки комитет Исидорос Кувелос му го предаде олимпискиот оган на претседателот на организацискиот комитет „Милано Кортина 2026“ Џовани Малаго.

Олимпискиот оган, што минатата седмица беше запален во античка Олимпија, доцна синоќа пристигна во Атина, во текот на ноќта беше на Акропол, а рано утрово помина низ центарот на грчката метропола, по што пристигна на стадионот.

Во изминатите девет дена, олимпискиот оган патуваше низ Грција, поминувајќи 2.200 километри, 23 префектури и седум региони, на 36 церемонии и вклучени 450 лица што го пренесуваа факелот, придружени од 15 возила и 40 претставници на Грчкиот олимписки комитет.

Зимските олимписки игри во Милано и Кортина ќе се одржат од 6 до 22 февруари 2026 година. ср/зс/

Фото: МИА

Остани поврзан