• петок, 05 декември 2025

Општините Свети Николе и Пробиштип доделуваат парична помош за првачињата и средношколците во прва година

Општините Свети Николе и Пробиштип доделуваат парична помош за првачињата и средношколците во прва година

Свети Николе/Пробиштип, 1 септември 2025 (МИА) – Почна учебната 2025-2026 година во основните и средни училишта и во општините Свети Николе и Пробиштип. Свчен прием се изврши и на првачињата. Во овие две општини, градоначалниците објавија дека секое прваче и средношколец во прва година ќе добие еднократна парична помош.

Градоначалникот на Општина Свети Николе Дејан Владев денеска на првачињата и на учениците им порача дека почнуваат едно ново, најубаво патување – патување во светот на знаењето, пријателството и соништата.

-Од овој ден вашите училници ќе бидат место каде ќе учите нови букви, ќе решавате интересни задачи, ќе пеете, цртате и ќе откривате нови нешта секојдневно. Учителите ќе бидат ваши водичи, родителите вашата најголема поддршка, вели Владев.

Тој додава дека согласно Правилникот за утврдување на критериумите, условите и постапката за доделување на еднократна парична помош и помош во натура, Општина Свети Николе доделува еднократна парична помош за запишано прваче во училиштата под надлежност на Општина Свети Николе и за запишан ученик во прва година во СОУ „Кочо Рацин“ Свети Николе.

-Висината на парична помош за прваче изнесува 3.000 денари, за ученик запишан во прва година изнесува 6.000 денари. Краен рок за поднесување на барање за остварување на правото е 15 септември 2025 година. Барањата за еднократна парична помош можат да се поднесат во училиштето каде е запишан ученикот (ООУ или СОУ) и во канцеларијата за едношалтерско работење на Општина Свети Николе, вели Владев.

Градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов вели дека општината втора година по ред ќе доделува  парична помош за првачињата и учениците во прва година во средното училиште.

-На првачињата кои првпат зачекоруваат во училиште им посакуваме многу среќа и успех, општината втора година по ред доделува вредносни ваучери за нив. За учениците од прва година запишани во СОУ „Наум Наумовски-Борче“, општината субвенционира по 2.000 денари месечно за тековната учебна година, вели Анастасов. вдј/мд/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан