• понеделник, 23 декември 2024

Општина Ѓорче Петров со премија за ФК Македонија ЃП и ЖРК Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров со премија за ФК Македонија ЃП и ЖРК Ѓорче Петров

Скопје, 30 мај 2023 (МИА) - Општина Ѓорче Петров финансиски со по 400.000 денари ќе ги награди фудбалскиот клуб Македонија ЃП и женскиот ракометен клуб  Ѓорче Петров.

- ФК Македонија Ѓорче Петров 1932 и женскиот ракометен клуб Ѓорче Петров се годинешните најтрофејни спортски колективи во нашата општина, но и во Република Македонија.

ЖРК Ѓорче Петров по втор пат е освојувач на сениорската женска ракометна лига и со тоа ја одбрани минатогодишната титула првак на Македонија. Ѓорче Петров и во минатото беше синоним за ракомет и ракометни успеси, а овие девојки тоа го потврдуваат.

ФК Македонија Ѓорче Петров втора година по ред е освојувач на Купот на Република Македонија, со што покажува дека клубот сериозно работи и вложува во младинските категории, но и во првиот состав кој оваа година на пенали во финалето на Купот на Македонија ја совлада екипата на Струга Трим Лум, стои во соопштението на скопската општина.

 

Во општина Ѓорче Петров веќе е подготвен и јавниот повик за спортските клубови и поединци за аплицирање за финансиска помош.

-Во најскоро време ќе биде објавен на веб страната на општината, каде што ќе можат да аплицираат сите спортски колективи, но и спортисти поединци, кои имаат потреба од финансиски средства, со цел постигнување високи спортски резултати. Правилникот ќе има точно утврдени норми и успеси кои што ќе треба да бидат исполнети, за да може да се доделат финансиски средства за клубот или поединецот којшто ќе аплицира на овој повик.

 

Во насока на издигнување и развој на спортот во општината, како и на стимулација на младите генерации да спортуваат и да прераснат во врвни спортисти, општината им овозможи на ФК Вардар и ФК Волково бесплатно да го користат фудбалскиот терен во Волково, додека пак младите категории на ФК Македонија Ѓорче Петров и ФК Њу Старс бесплатно да го користат фудбалскиот терен „Mлади лавови“. зс/

Остани поврзан