• петок, 22 ноември 2024

Општина Центар на последен буџетски форум со граѓаните го креира буџетот за 2024 година

Општина Центар на последен буџетски форум со граѓаните го креира буџетот за 2024 година

Скопје,19 декември 2023(МИА) - Во Општина Центар синоќа со низа предлози, сугестии и конструктивна дискусија на граѓаните и општинската администрација заврши последната сесија на буџетскиот форум за креирање на буџетот за наредната 2024  година. На финалната буџетска сесија имаше предлози и од областа на образованието, како што се дигитализација на училиштата, отворање научно-компјутерски центар, промоција и наградување на училишниот спорт, а се расправаше и за горливите проблеми, како што се паркирањето, бучавата од клубовите, узурпирањето на јавниот простор од страна на дуќаните и кафулињата.

Воедно  граѓаните, како што соопшти Општина Центар, побараа решение за затворање на улица „Боемска“ и урбанизирање на делот зад Градежниот и Архитектонскиот факултет за да се добие побезбеден пристап на децата до Основното училиште „Коле Неделковски“.

Градоначалникот Горан Герасимовски посочи дека интензивно се работи за надминување на овој проблем и најави уривање на бараката зад факултетот како дел од новото сообраќајно решение.

-Остваривме средби со деканите на Градежниот и на Архитектонскиот факултет, како и со ректорката на УКИМ за да изнајдеме решение. Се согласивме дека треба да се искористи просторот зад факултетот, да се отстрани бараката и да се направи свртница која ќе биде функционална, најави  Герасимовски.

Локалната самоуправа го поддржа и предлогот на граѓаните од претходната буџетска сесија одржана во ноември за хортикултурно и партерно уредување на населбата Капиштец, за што веќе се обезбедени 25 милиони денари.

-Овој проект на потегот од паркингот „Зебра“ до паркот „Капиштец“ ќе ја разубави населбата со ново зеленило, осветлување и со ново партерно уредување. Општина Центар и Капиштец го заслужуваат тоа, потенцира  Герасимовски.

Од Општина Центар нагласуваат дека преку  редовните буџетски форуми, транспарентно и отчетно ги дефинираат приоритетите и проектите за поквалитетен живот на граѓаните. ад/дма/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан