• вторник, 17 декември 2024

Општина Центар додели 110 субвенции за нови велосипеди и 30 за електрични и тротинети

Општина Центар додели 110 субвенции за нови велосипеди и 30 за електрични и тротинети

Скопје, 6 декември 2024 (МИА) - Во рамки на проектот „Цел Центар на точак“, локалната самоуправа додели вкупно 140 субвенции за оваа година - 110 за нови велосипеди и 30 за електрични велосипеди и тротинети. Аплицирањето за субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди и тротинети е завршено, но, повикот за субвенционирање дополнителна опрема останува отворен до исцрпување на средствата или до 31 декември, информираат утрово од Општина Центар.

Оттаму потсетуваат дека секој полнолетен граѓанин имаше право на еднократна субвенција во висина од 30 отсто од цената, но, не повеќе од 3.000 денари.

- Овој проект, не само што го олеснува секојдневието на жителите на Центар, туку и го подобрува квалитетот на живот со промоција на здрави навики и алтернативни начини на транспорт. Секој нов велосипед и тротинет значи помалку сообраќаен метеж и повеќе слободни паркинг места. Продолжуваме со поддршката за сите кои се дел од оваа позитивна промена, се наведува во писмената изјава на градоначалникот Горан Герасимовски.

Општина Центар заслужено ја носи титулата највело општина, истакнуваат од локалната самоуправа, благодарение на современата велосипедска инфраструктура развиена на сервисните улици.

- Истовремено, како пионер во промоцијата на алтернативниот превоз, Центар е првата општина во Македонија што, на барање на граѓаните, воведе субвенции за дополнителна опрема за велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, потенцираат оттаму. бд/са/

Фото: Фејсбук на Општина Центар

Остани поврзан