• понеделник, 23 декември 2024

Општина Охрид работи на интензивирање на соработката на компании со Коморскиот инвестициски форум

Општина Охрид работи на интензивирање на соработката на компании со Коморскиот инвестициски форум
Охрид, 22 јули 2022 (МИА) - Општина Охрид и приватни фирми ќе работат на интензивирање на соработката со компании од Западен Балкан, членки на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), а ќе аплицираат и за заеднички проекти со цел зајакнување на охридското стопанство, е заклучокот од денешната средба во Охрид на градоначалникот Кирил Пецаков со членовите на Управниот одбор на КИФ и претставници на компании. Потпретседателот на КИФ и претседател на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески по завршувањето на средбата во Општина Охрид посочи дека Коморскиот инвестициски форум финансира проекти кои се од директен интерес за компаниите од приватниот сектор. Потсети на соработката на компаниите, ЛТХ Леарница, ОДВ и Костал со воведувањето дуално образование во средното училиште „Св. Наум Охридски“. - Ќе покренеме иницијативи со кои заеднички, локалните самоуправи ќе учествуваат со проекти организирани во минимум три држави и на тој начин ќе придонесеме во подобрување на комуникацијата. Нашата крајна цел е да има подобар проток на стоки и услуги меѓу државите, работната рака да циркулира онака како што тоа се прави на Запад и да исчезнат редиците камиони на границите, рече Азески. Најави воведување заедничка авионска линија меѓу шестте држави кои имаат членки во КИФ, Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора, по принципот на Нордискиот САС и заедничко кредитно биро – арбитража, кои ќе помогнат за развој на компаниите. Градоначалникот Пецаков, пред присутните презентирал проекти, кои во соработка со приватниот сектор може да бидат поддржани од КИФ и со нив да се настапат пред Европските фондови. – Го претставивме нашиот град, капацитети, инфраструктура и можноста, каде тие големи компании кои што се во овие шест земји би можеле да инвестираат. Како општина се ставивме во функција на олеснување на процесот на соработка, доколку некоја компанија сака да инвестира тука, рече Пецаков. Општина Охрид, додаде, има збратимени градови во шестте земји, кои имаат свои претставници во КИФ. - Би можеле заеднички да учествуваме во добивањето на некој проект, се со цел, олеснување на одредени форми на соработка како што се обука на кадар кој ќе се вклучи во одредена индустрија, отворање нови бизниси или која и да е друга форма која ние заедно со коморите и приватните компании во иднина би можеле да ја реализираме, истакна Пецаков. Коморскиот инвестициски форум е основан во 2015 година во рамки на Берлинскиот процес од шесте стопански комори од Западен Балкан, (Стопанската комора на Северна Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Косово, Стопанската комора на Црна Гора и Стопанската комора на Србија) со цел, интензивирање соработка меѓу коморите во насока на спроведување на заеднички активности кои се од интерес за бизнис-заедницата од регионот. сс/цр

Остани поврзан