Општина Куманово наскоро ќе ги распише тендерите за избор на компании за реализација на трите проекти од владината поддршка за општините
- Наскоро ќе се распишат тендерските постапки за избор на економски оператори за реализација на трите проекти кои ги доби општина Куманово, преку владината поддршка за општините, соопштија денеска надлежните.
Куманово, 30 октомври 2024 (МИА) - Наскоро ќе се распишат тендерските постапки за избор на економски оператори за реализација на трите проекти кои ги доби општина Куманово, преку владината поддршка за општините, соопштија денеска надлежните.
-Договорите се завршени, средствата се одобрени за три проекти како што претходно беше информирано, тендерските постапки ги распишува општината, Владата ги финансира, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Инфраструктурно уредување на зоната во Речица, изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа и изградба на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ се трите проекти кои ќе ги спроведе општината преку владиниот повик за развој на општините.
-Изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, изградба на дел од внатрешни сообраќајници, воспоставување на режим на сообраќај и осветлување на дел внатрешни сообраќајници во индустриската зона. Проектот за општината е еден од клучните и е од значење за економскиот развој на општината. Таму веќе функционираат неколку домашни и странски компании. Куманово аплицираше и за изградба на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа кон Доброшане каде функционира индустриска зона со неколку кумановски компании кои ја движат локалната економија. Индустриските капацитети се важни за приклучување на гасоводната мрежа од аспект на намалување на нивните производни трошоци и зголемување на конкурентноста, но и од аспект на намалување на аерозагадувањето во градот.Последниот проект е изградба на атмосферска канализација на улицата „Бајрам Шабани“ каде поради конфигурацијата на теренот при пообилни дождови се слева вода.
Трите проекти чинат четири милиони евра. ам/ир/
Фото: МИА архива