• понеделник, 23 декември 2024

Општина Куманово ги прифати барањата на жителите, депонијата Краста ќе се уредува

Општина Куманово ги прифати барањата на жителите, депонијата  Краста ќе се уредува

Куманово, 24 јуни 2024 (МИА) - Ќе се уредува кумановската депонија Краста, е заклучокот по состанокот на жителите на трите села Пчиња, Студена Бара и Вакв, со надлежните од Општина Куманово и ЈП „Чистота и Зеленило“, како и претставници на Советот на Општина Куманово. Општината прифати да продолжи да се посипува земја и на тој начин да се спречи дополнително опожарување во летниот период. Паралелено на следната седница на Советот ќе се побара преку ребаланс да се обезбедат средства за изградба на дополнителна ограда, видео надзор и систем за вода, информираше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

-Ги разбирам проблемите со кои се соочуваат жителите. Тоа е проблем кој датира 60-70 и повеќе години. Оформивме работно тело, по еден претставник од месното население, ЈП „Чистота и Зеленило“ и од Општина Куманово. Веќе во текот на неделава ќе се носат дополнителни количини на земја со која ќе се врши посипување на депонијата. Ќе се направи акција за чистење на регионалниот пат Куманово-Пчиња, и дополнително во септември ќе се врши пошумување на депонијата, изјави за медиумите кумановскиот градоначалник.

Димитриевски посочи дека тоа се првичните мерки, а тој очекува да се одблокира проектот за регионална депонија, кој заглави во министерството за животна средина.

-На првиот состанок со новиот министер ќе разговарам за тоа и до каде сме со изградба на претоварната станица на оваа локација и изградба на фабриката за преработка на отпад која треба да се изгради во Свети Николе, посочи првиот човек на Куманово.

Од месното население се задоволни од прифатените барања. Нивниот претставник Дејан Трендевски очекува надлежните да го исполнат ветеното. Во спротивно рече повторно ќе го блокираат влезот на Краста.

-Се надеваме дека до тоа нема да дојде, тоа не се големи средства, со ребалансот ќе може да се направи а ќе биде добро и за самото функционирање на депонијата но и за населението кое живее таму, истакна жителот на село Пчиња.

По големиот пожар кој ја зафати кумановската депонија, жителите на Пчиња, Студена Бара и Вакв, кои се најпогодени, три дена не дозволија влез на камионите на комуналното претпријатие на Краста. Поради состојбата вонредна состојба по опасноста од ширење епидемиолошка зараза во Куманово одржа и Советот на општината. Тие препорачаа жителите да ја тргнат блокадата и на заедничка маса да најдат решение. ам/дма/

Фото:МИА архива

 

Остани поврзан