• четврток, 11 јули 2024

Општина Кочани додели награди за најдобрите ученици во изминатата учебна година

Општина Кочани додели награди за најдобрите ученици во изминатата учебна година

Кочани, 11 јули 2024 (МИА) – По повод Петровден – празникот на градот, педесетина ученици од основните и средните училишта во Кочани, кои во изминатата учебна година постигнале најдобри резултати на државните и меѓународни натпревари, добија награди и признанија од Општина Кочани.

Како поддршка за продолжување на успесите, на 13 ученици кои освоиле први места им беа доделени парични награди од по пет илјади денари, а оркестри, хорови, ликовна секција и женска фудбалска екипа добија вредносни ваучери по осум илјади
денари.

-Локалната самоуправа на Кочани ги препознава резултатите, успесите и залагањето на учениците од сите општински училишта, како од основните, така и од средните и на ваков начин им оддаваме признанија што реално ги заслужуваат. Наша цел е да ги наградиме и да ги мотивираме и понатаму да постигнуваат одлични резултати на општински, државни, меѓународни и други акредитирани натпреварувања. Со тоа што освоија први места ги афирмираат своите училишта, но и целата општина, поради што на ваков начин сакаме да им се заблагодариме да им посакаме многу успех во понатамошност школување, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Заедно со учениците, признанија добија и нивните наставници ментори, кои преку наставниот процес и со дополнителен ангажман ги подготвиле за постигнување добри резултати. Исто така, статуетки за афирмација на општина Кочани добија
училиштата чии ученици постигнале врвни резултати на натпреварите. та/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан