• сабота, 23 ноември 2024

Општина Кисела Вода сруши дивоградба под далновод во индустриската зона

Општина Кисела Вода сруши дивоградба под далновод во индустриската зона

Скопје, 16 февруари 2024 (МИА) - Акција за рушење на нелегално граден објект, рано утринава се одвиваше во општина Кисела Вода. Од општината појаснуваат дека се работи за индустриски капацитет спроти трафостаница во индустриската зона на патот Пинтија-Драчево, изграден со нерегуларна документација.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, упати  порака дека новиот, законски начин на работа во оваа општина е видлив и дека нема и нема да има толеранција за никој што ќе одлучи да се стави над законите.

- Пред две години, започнавме ново поглавје во функционирањето на Општина Кисела Вода. Како што се обврзав пред граѓаните, оваа локална самоуправа сега има исклучително транспарентен начин на работа со доследно почитување на законите. Секој оној кој мисли дека може да ги заобиколи правните процедури ќе биде најстрого санкциониран и денешниот настан е еклатантен пример дека нема толеранција за никого. Утрово срушивме индустриски објект изграден под далновод, каде, согласно Законот за градба, е строго забрането градење на било какви градби, изјави Ѓорѓиевски.

Со тоа, како што рече Ѓорѓиевски, се укажува на сите оние кои се заинтересирани да градат, дека ја имаат поддршката на локалната самоуправа доколку ги почитуваат законски предвидените процедури, но и дека има најстроги казни за оние кои ги кршат законите.

- Кисела Вода сега е општина во кој функционира правната држава и во која незаконското работење се казнува, истакна Ѓорѓиевски. ир/дма/


Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан