Општина Карпош стана членка на Европската организација за локална демократијa - АЛДА
- По долгогодишната соработка и бројните проекти спроведени со Европската организација за локална демократијa - АЛДА, во мај 2023 година, Општина Карпош стана и официјална членка на оваа реномирана организација, во насока на зацврстување на партнерскиот однос.
Скопје, 3 мај 2023 (МИА) - По долгогодишната соработка и бројните проекти спроведени со Европската организација за локална демократијa - АЛДА, во мај 2023 година, Општина Карпош стана и официјална членка на оваа реномирана организација, во насока на зацврстување на партнерскиот однос.
-Пред управниот одбор на АЛДА опширно излагање за апликацијата за членство на Oпштина Карпош имаше Роберт Јанковски, советник за соработка со невладини и меѓународни организации, кој ги презентираше досегашните активности со АЛДА како и плановите за периодот кој следува. По презентацијата, одборот едногласно одлучи да ја прими Општина Карпош како нов член на АЛДА а воедно испрати и покана за полноправно учество на годишното собрание кое ќе се одржи во Брисел, во јуни оваа година, информираат од Општина Карпош.
АЛДА - Европската асоцијација за локална демократија е организација посветена на промоцијата на доброто владеење и граѓанското учество на локално ниво. АЛДА особено се фокусира на активностите кои ја олеснуваат соработката помеѓу локалните власти и граѓанското општество. Мрежата на оваа меѓународна организација се состои од 350 членки (локални власти, асоцијации на локални власти и невладини организации) од 40 различни земји.
Инаку, АЛДА е основана во 1999 година како иницијатива на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, за да ја координира и поддржи мрежата на Агенциите за локална демократија, основана во деведесеттите години. АЛДА е чадор-организација на Агенциите за локална демократија (ЛДА) кои се самоодржливи, локално регистрирани невладини организации кои дејствуваат како промотори на доброто локално владеење во нивните региони.
-Соработката на Општина Карпош со АЛДА започна со активностите во програмата на Соработка меѓу Нормандија и Македонија, каде општината беше збратимена со градот Флери од Нормандија и преку која беа спроведени бројни проекти на различни теми и размена на искуства, се наведува во соопштението.
Статусот на официјална членка во АЛДА, како што се додава во соопштението, подразбира и надоградување на искуството на локалната самоуправа при спроведување на разни проекти, со кои се отвораат бројни можности на вмрежување и создавање на партнерства на Европско ниво и пошироко. Членството, исто така ќе и овозможи на Општина Карпош да се доближи до европските стандарди на работење, секако во интерес на своите сограѓани. дма/са/
Фото: Општина Карпош