• сабота, 23 ноември 2024

Општина Зрновци ќе гради капела, техничката документација ќе биде готова до крајот на годината

Општина Зрновци ќе гради капела, техничката документација ќе биде готова до крајот на годината

Зрновци, 22 септември 2023 (МИА) – Општина Зрновци ги почна подготвителните активности за изградба на капела со која ќе стопанисува локалното комунално претпријатие „Водна кула“.

Објектот ќе биде лоциран на земјиште во државна сопственост, покрај локалниот пат за село Мородвис кај гробиштата во Зрновци. Треба да биде проектиран во согласност со важечките законски одредби, прописи и стандарди за градби од таков тип.

Идниот месец треба да почне изработката на техничката документација, односно на основниот проект што ќе содржи елаборат и ревизија за објектот, а за што од општинскиот буџет се планирани околу 300 илјади денари.

-По завршувањето на временските рокови согласно законот, очекуваме до крајот на ноември и почетокот на декември документацијата да биде завршена. Освен основниот објект, во кој ќе има ладилник со две комори, треба да се планира и простор за кујна со трпезарија, тоалети, магацински простор, трем и просторија за продажба на цвеќе и свеќи. Дополнително, идната недела ќе почнеме со уредување на пристапната сервисна улица во должина од 170 метри, а се изготвува и проект за бетонски ѕид за оградување на гробиштата, што се реализира по барање од граѓаните, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.

Вкупната површина за проектирање на капелата изнесува 200 квадратни метри, а објектот ќе има само приземје. Ќе се гради од армирано-бетонска конструкција со термоизолациски метален панел за кровот, прозорците од ПВЦ профили со термопан стакло, а столаријата од дрво. На влезот од капелата ќе има пристапна рампа за лица со потешкотии во движењето, како и пристапен пат со паркинг простор. та/цр

фото: МИА

Остани поврзан