• вторник, 26 ноември 2024

Општина Битола изработува нов план за квалитетот на воздухот

Општина Битола изработува нов план за квалитетот на воздухот

Битола, 13 септември 2022 (МИА) - Општина Битола на јавна расправа денеска презентира нов План за квалитетот на воздухот кој се изработува во рамки на проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс за аерозагадувањето во прекуграничниот регион“.

Јавната расправа ја следеа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Центарот за климатски промени, претставници на Технолаб, претставници на јавните претпријатија, бизнис секторот, високото образовните институции и невладиниот сектор.

-Мерките кои се спроведуваат се однесуваат на субвенции за набавка на велосипеди, субвенционирање на колективни згради за поставување на енергетски ефикасни фасади и уредување на јавни површини, подготовка на зелен катастар, подготовка на локален еколошки акционен план, редовен инспекциски надзор, односно за одделението за животна средина годинава за реализација на овие проекти се предвидени 8 милиони денари, информира градоначалникот Тони Коњановски пред присутниот аудиториум во Битола.

За содржината на планот и мерките кои треба да се имплементираат во наредниот период, од суштинско значење ќе биде вклучувањето на јавноста и сите релевантни субјекти со свои мислења и сугестии, со цел ефикасно спроведување на предвидените мерки. Предлози од страна на присутните на јавната расправа ќе бидат вградени во  конечниот документ што треба да биде донесен од Советот на Општина Битола, потврдија од тамошната локална самоуправа.мт/

Остани поврзан