• понеделник, 18 ноември 2024

Општина Берово набави ново возило за унапредување на социјалните услуги

Општина Берово набави ново возило за унапредување на социјалните услуги
Берово, 30 јануари 2021 (МИА) - Општина Берово набави ново возило за унапредување  на социјалните услуги. Активноста како што информираа од Општината е дел од проектот ,,Возврати со љубов, грижа и  почит” кој е финансиран од Министерството за труд и социјална политика.
-По претходно одобрена апликација на Општина Берово, за потребите на Домот за стари лица „Др. Иван Влашки" набавено е ново возило, за воспоставување на нова социјална услуга, која ќе овозможи помош и нега во домашни услови, на стари и изнемоштени лица на територијата на Општина Берово и лица кои живеат во руралните населби. Имплементацијата на овој проект, ќе овозможи  услуга кон корисниците, во нивните домови, како и помош и поддршка на старите лица во секојдневните активности, истакнаа од Општината.
Основна цел на проектот, како што додадоа, е подобрување на квалитетот на живот на старите луѓе, во руралните средини, на територијата на општина Берово и овозможување достапни услуги за корисниците, во нивното место на живеење.
-Со проектот ќе бидат опфатени 60 стари лица, од кои 12 лица од Берово, а останатите од селските населби. Со ова покажуваме дека приоритетите на локалната самоуправа, ги градиме според потребите на жителите на општина Берово. Изминатиот период имавме прилика да видиме дека, грижата на старите лица, особено оние кои живеат сами, е многу важна, во севкупниот напредок на локалната заедница, додадоа од Општината.
Оттаму дополнија дека благодарение на ангажманот на општинските одделенија за јавни дејности и ЛЕР,  во тек е подготовка за реализација на уште еден проект, кој ќе овозможи директна поддршка на старите лица и помош во извршување на секојдневните активности. вс/сст/

Остани поврзан