• понеделник, 23 декември 2024

Опремени две лаборатории на ФЕИТ

Опремени две лаборатории на ФЕИТ
Скопје, 27 август 2022 (МИА) - Во новиот семестар студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ќе можат да ги користат ново опремените лаборатории за електроника и електротехника. Опремата е донација од компанијата „Логинг електроникс“, која во изминатите 25 години постоење во континуитет обезбедува поддршка на Факултетот заради подобра едукација на студентите. Според деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски оваа донација е прва во рамките на новата партнерска програма на Факултетот. - Во услови на намалена поддршка од државата во делот на обезбедување на наставно – истражувачката опрема, општествено одговорните компании имаат значајна улога во функционирањето на факултетот, помагајќи ни да го подигнеме квалитетот на наставниот процес, а со тоа се влијае и на квалитетот на инженерите кои се барани на пазарот. ФЕИТ со цел да им се заблагодари на овие компании воведе нова партнерска програма со која и визуелно ќе ги истакнеме нашите партнери, а ќе биде и основа за подлабока соработка со истите: предвидени се предавање на претставници на компаниите, работата на студентите на реални проекти дефинирани од компаниите, менторирање на практичната работа и слично. Логинг електорникс е првата компанија која се вклучува во партнерската програма како сребрен партнер, изјави деканот Ташковски. Донираната опрема за настава се состои од осцилоскопи, функциски генератори, напојувања, мерни инструменти и друго, во вредност од 600.000 денари. Управителот на „Логинг електроникс’, Златко Крстевски посочи дека поддршката и соработката со ФЕИТ трае од основањето на компанијата во 1997 година. - Практичната работа на студентите е клучна за нивниот развој и треба континуирано да се подобрува. За таа цел неопходна е и современа лабораториска опрема. Повеќето вработени на нашата компанија потекнуваме од факултетов и чувствуваме и некоја морална одговорност да дадеме поддршка на факултетот. Би сакале и други компании, да се вклучат во оваа програма, како домашни така и странски кои работат тука, затоа што бенефитот за студентите кои ќе излезат од тука како спремни инженери е голем, не само за самиот студент, туку и за сите нас во реалниот сектор, изјави Крстевски. Мотивацијата на општествено одговорните компании кои соработуваат со ФЕИТ, според Крстевски, е со поддршката на студентите со современа и нова наставна опрема да го задржат нивниот интерес да се школуваат дома, а подоцна како квалитетни инженери да останат и да работат на македонскиот пазар. сп/

Остани поврзан