• вторник, 17 декември 2024

Опозицијата повторно на белградските улици со протест „Србија против насилството“ пред РТС барајќи избори

Опозицијата повторно на белградските улици со протест „Србија против насилството“ пред РТС барајќи избори

 

Белград, 16 септември 2023 (МИА)-Во Белград вечерва се одржа 20-иот протест Србија против насилството, со прошетка и блокада на централните белградски улици, до заградата на РТС, со сега главното барање за распишување вонредни парламентарни и избори за градот Белград, поради неисполнување на претходните барања, јави дописникот на МИА од Белград.

Во понеделникот опозицијата се собра пред Претседателството на Србија и поднесе барање за распишување и одржување парламентарни и белградски избори.

Претседателот Александар Вучиќ најави конечен одговор на тоа барање до крајот на септември, со можност изборите да бидат во декември или на почетокот на идната година.

После тоа, опозицијата достави до РТС барање тие да бидат застапени на јавниот сервис сразмерно на нивните сили во парламентот.

За разлика од минатата недела кога протестот беше пред ТВ Пинк, опозицијата и незадоволните граѓани во неколку наврати досега се собираа пред РТС, сметајќи дека е еден од медиумите одговорни за состојбата на општеството.

На денешниот протест пред РТС Александар Јовановиќ Чута од Еколошкото востание изјави дека претседателот Александар Вучиќ ја одложува одлуката за избори.

-Има проблем со коалиционите партнери... Неподготвени се за овие избори, сигурен сум дека ќе ги одложат додека можат...Не очекувајте Вучиќ да биде подобар од ова што е сега, ќе биде се полош и полош, овде не чека хаос и насилство. Благодарност до сите кои шетаат четири месеци. Повик до сите, кренете ја главата и не се откажувајте, рече Јовановиќ.

Покрај вонредни избори, на протестот остануваат и барањата за одземање на националните фреквенции на телевизиите Пинк и Хепи и затворање на таблоидите кои промовираат говор на омраза и насилство, како и смена на раководството на РТС.

Се бара и смена на членовите на Советот на регулаторното тело за електронски медиуми како и министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и директорот на безбедносно-информативната агенција (БИА) Александар Вулин.

На протестот повикаа проевропските опозициските пратенички групи „Правец Европа“, Демократската партија (ДС), Заедно-Мораме, Зелено-левиот фронт-Не дави го Белград, Еколошкото востание и Народното движење на Србија, наведувајќи дека протестот не е партиски.

Пратеничката група „Правац Европа“ ја сочинуваат Партијата за слобода и правда (ССП), Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Движењето за пресврт и синдикатот „Слога“.

об

Остани поврзан