• вторник, 05 ноември 2024

Опозициските социјалдемократи победија на парламентарните избори во Литванија

Опозициските социјалдемократи победија на парламентарните избори во Литванија

Вилнус, 28 октомври 2024 (МИА) - Социјалдемократите се најсилна политичка сила на вториот круг од парламентарните избори во Литванија, соопшти изборната комисија во Вилнус доцна синоќа, по пребројување на гласовите од речиси сите изборни окрузи.

Со 52 од вкупно 141 место во Сејмсот (парламентот), опозициската партија е на чекор до трансформација на владата на Литванија, јави ДПА.

Владејачката конзервативна партија „Татковинска унија“, предводена од премиерката Ингрида Шимоните, стана втора по големина партија со 28 пратенички места. Двете либерални коалициски партнери на конзервативците доживеаја пораз, при што една од нив не освои ниту едно место во парламентот.

Социјалдемократите сега се стремат да формираат централно-левичарска коалиција со две други опозициски партии.

По објавувањето на резултатите, лидерот на „Татковинска унија“, Габриелиус Ландсбергис, го призна поразот и им честиташе на социјалдемократите за успехот.

 - Резултатите од изборите покажаа дека народот на Литванија, без разлика дали живее во градови, населени места или села, сака промени и му е потребна целосно поинаква влада, изјави шефицата на Социјалдемократската партија, Вилија Блинкевичуте.

Новата влада предводена од Социјалдемократите веројатно ќе ја насочи Литванија кон нови домашни и социјални политики, но се очекува дека земјата ќе продолжи да ја одржува силната поддршка кон ЕУ и НАТО за надворешните и безбедносните прашања, вклучувајќи ја и поддршката за Украина.

Како можни коалициски партнери на Социјалдемократите се разгледуваат централно-левичарската партија „За Литванија“ (14 места) и Унијата на фармерите и зелените (8 места). Оваа тричлена коалиција би имала тесно мнозинство во парламентот.

Новоформираната популистичка партија „Зората на Немун“ освои 20 места. Неколку помали партии и независни кандидати исто така успеаја да обезбедат места во Сејмсот.

Гласањето беше засенето од тековната војна во Украина и зголемените грижи за растот на трошоците за живот. Излезноста на гласачите во балтичката земја, која се граничи со руската ексклава Калининград и сојузникот на Москва, Белорусија, беше околу 41 отсто.

Победата на Социјалдемократите беше очекувана по анкетите и првиот круг на гласање пред две недели. Тогаш беа доделени 70 места според системот на пропорционално претставување и осум директни мандати. Преостанатите 63 мандати беа определени во вториот круг на изборите, што се одржаа вчера. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан