• среда, 25 декември 2024

ОН: Уништувањето згради во Газа е воено злосторство

ОН: Уништувањето згради во Газа е воено злосторство

Женева, 8 февруари 2024 (МИА) - Високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Турк денеска предупреди дека уништувањето на сите згради долж границата во Појасот Газа со цел Израел да создаде „тампон зона“ е воено злосторство.

Во соопштението Турк ги спомена извештаите дека израелската армија во Појасот Газа ги уништува сите згради на еден километар од граничната ограда.

„Им нагласувам на израелските власти дека членот 35 од Четвртата Женевска конвенција забранува уништување на приватна сопственост од страна на странска окупаторска сила, освен кога таквото уништување е апсолутно неопходно за воени операции“, рече Турк.

Тој предупреди дека создавањето „тампон зона“ за безбедносни цели, според меѓународното хуманитарно право, не е во согласност со тој исклучок.

Високиот комесар додаде дека „широкото уништување на имот не е оправдано со воени потреби, тоа се врши незаконски и непромислено и е сериозно кршење на Четвртата Женевска конвенција и воено злосторство“.

Војната изби по нападот на Хамас од Газа на југот на Израел, во кој загинаа околу 1.140 луѓе, главно цивили.

Израел потоа вети дека ќе го уништи Хамас и започна воздушни напади и копнена офанзива. Најмалку 27.840 луѓе загинаа, главно жени, деца и други млади луѓе, според Министерството во Газа. паг/

Фото: МИА архи

 

 

Остани поврзан