• вторник, 05 ноември 2024

ОН покренаа истрага за инцидентот со видеото од Израел

ОН покренаа истрага за инцидентот со видеото од Израел
Лондон, 29 јуни 2020 (МИА) - Обединетите нации соопштија дека се „шокирани и длабоко вознемирени“ од видеото од Израел, на кое се гледа сексуален однос на две лица во џип на организацијата, започнаа истрага за инцидентот и работат на идентификување на луѓето. Видеото, објавено на социјалните медиуми, наводно е снимено на една од најпрометните улици во Тел Авив. Се претпоставува дека станува збор за вработени во мировната мисија на ООН во Израел, пренесува Би-Би-Си. Стефан Дижарик, портпарол на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, го опиша однесувањето на луѓето од снимката како „ужасно“. - Ваквото однесување е спротивно на сè за што се залагаме и против што се бориме. Шокирани сме и длабоко потресени од она што го гледаме на снимката, рече тој за Би-Би-Си. Дижарик додаде дека истрагата што ја води Канцеларијата за внатрешен надзор на ОН „напредува многу брзо“, како и дека се знае локацијата каде се случил инцидентот и дека се блиску до идентификација на лицата. -Очекуваме процесот да заврши брзо и да се преземат соодветни мерки, додаде Дижарик, истакнувајќи дека лицата вклучени во инцидентот веројатно биле членови на Организацијата на Обединетите нации за примирје (УНТСО). Како што се наведува, ОН имаат строга политика кога станува збор за несоодветно сексуално однесување на вработените. Персоналот се соочува со сериозни казни ако се утврди кршење на правилото, а една од казните е постојана забрана за вработување во организацијата, но за тоа одлучува земјата во која е сторено кривичното дело. Генералниот секретар Гутереш повеќе пати истакна дека тие се залагаат за политика на нулта толеранција. Хедер Бар, ко-директорка на одделот за човекови права на агенцијата Хјуман рајтс воч, изјави дека не е „изненадена“ од видеото од Израел. Бар, која работела за Обединетите нации во Бурунди и Авганистан, рече дека е „добро што случајот се истражува“, но додаде дека ООН „имаат многу поголеми проблеми од ова видео“. Во текот на 2019 година регистрирани се 175 обвинувања за сексуална злоупотреба врз лица на ООН, се вели во извештајот. Од сите овие обвиненија, 16 се потврдени, 15 неосновани, а останатите сè уште се истражуваат. паг/

Тагови

Остани поврзан