• понеделник, 23 декември 2024

ОН организира натпревар во цртање за да ги прослави човековите права

ОН организира натпревар во цртање за да ги прослави човековите права

Скопје, 26 септември 2023 (МИА) -  Одбележувајќи ја 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права и во пресрет на претстојниот Ден на ОН - 24 Октомври 2023 година, семејството на ОН во Северна Македонија организира натпревар во цртање за деца и млади, на возраст од шест до 30 години.

- Целта на овој натпревар е да ја вклучи помладата генерација во застапувањето за човекови права, да ја подигне нивната свест за важноста на заштитата на човековите права и придобивките што овие механизми ги носат за сите, соопштија Обединетите нации во Северна Македонија.

Децата и младите може да аплицираат до 10 октомври годинава со оригинален цртеж кој ги слави придобивките што ги носат или можат да ги донесат човековите права за секого, според Универзалната декларација за човекови права.

Цртежот треба да прикаже некои од придобивките што усвојувањето на човековите права, според Универзалната декларација за човекови права, може да ги има во животот и развојот на секој човек, додека фокусот е на тоа како дополнително да се унапредат тие права за доброто на сите.

Секое испратено уметничко дело ќе биде прикажано за време на активностите за одбележување на Денот на ОН 2023 година на интернет, додека цртежите на тројцата победници во шест возрасни групи (6-8; 9-11; 12-14; 15-17; 18-21; 22 -30) и цртежот на главниот победник ќе бидат испечатени како плакати. Ќе биде избран и „најпопуларен“ цртеж, врз основа на добиените лајкови на Фејсбук страницата во периодот на објавување од 11 до 18 октомври 2023 година.

Изложбата на дваесетте цртежи ќе биде организирана во Музејот на современа уметност во Скопје, почнувајќи од 24 октомври 2023 година, каде ќе бидат прогласени победниците на Конкурсот.

Сите заинтересирани можат да ја слеадт Фејсбук страницата на ОН за Северна Македонија, да го нацртаат своето дело, да го фотографираат (по можност со висок квалитет во .jpg формат) и да го испратат преку порака на Фејсбук. Треба да се наведе името, презимето и возраста на авторот, краток опис на цртежот и информации за контакт (за лица над 18 години) или информации за контакт на родител/старател (за лица под 18 години). мд/ац/

Фото: ОН во Северна Македонија

Остани поврзан