ОН: Ниту едно место во Газа не е безбедно од израелските бомбардирања
- Ниту едно место во Газа не е безбедно поради израелското бомбардирање на територијата, што се спроведува од почетокот на војната со Хамас на 7 октомври, предупреди денеска координаторката на канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања на палестинската територија Лин Хестингс.
Газа, 26 октомври 2023 (МИА) - Ниту едно место во Газа не е безбедно поради израелското бомбардирање на територијата, што се спроведува од почетокот на војната со Хамас на 7 октомври, предупреди денеска координаторката на канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања на палестинската територија Лин Хестингс.
Координаторката Хестингс во писмена изјава вели дека „раните предупредувања“, кои израелската армија ги испраќа до населението да се евакуира од зоната што има намера да ја таргетира, „не прават никаква разлика“.
„Ниту едно место не е безбедно во Газа“, рече таа.
Хестингс додаде дека израелската армија продолжува да ги предупредува жителите на градот Газа дека оние што остануваат во своите домови се во опасност.
Во некои случаи, предупредувањето (од израелската армија) ги повикува луѓето да одат во хуманитарната зона во Ал-Маваса, која се наоѓа западно од градот Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа.
„Кога се бомбардираат патиштата за евакуација, кога луѓето на север и на југ се зафатени со непријателства, кога нема основни елементи за преживување и кога нема гаранција за враќање, луѓето се соочуваат со невозможен избор“, додаде Хестингс.
Таа потсети дека вооружените конфликти каде и да се случуваат треба да се во согласност со меѓународното хуманитарно право, што значи дека цивилите треба да бидат заштитени и да ги имаат потребните елементи за опстанок, каде и да се и без разлика дали ќе изберат да се преселат или останат.
„Тоа исто така значи дека заложниците, сите заложници, треба да бидат ослободени, веднаш и безусловно“, додаде Хестингс.
Повеќе од 200 луѓе беа киднапирани во Израел кога Хамас го започна својот напад на израелска територија на 7 октомври. Во тој напад загинаа повеќе од 1.400 луѓе во Израел, а во Појасот Газа, според палестински извори, повеќе од 6.500 луѓе загинаа во израелските напади. паг/
Фото: МИА архива